По десетчасовните разговори меѓу Никола Груевски и Зоран Заев во Стразбур, тројцата пратеници олеснувачи од Европскиот парламент (ЕП) – Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит, испратија кратко соопштение во кое се поздравува, како што се наведува, искрената дискусија која се водела изминатата ноќ и се изразува очекување дека разговорите меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ ќе продолжат, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.
– Во контекст на разговорите кои се одвиваат, премиерот Никола Груевски и лидерот на главната опозициска партија Зоран Заев се сретнаа со Иво Вајгл, Евдард Кукан, Ричард Ховит и комесарот Јоханес Хан во Стразбур на 19-20 мај 2015 година. Пратениците и комесарот Хан ги поздравуваат напорите на лидерите на партиите да работат за постигнување договор во интерес на сите граѓани на земјата и да се решат предизвиците кои произлегуваат од кризата во согласност со европските стандарди. Партиите ја потврдија нивната определба за ЕУ интеграција и демократските принципи и се согласија дека на прво место мора да ги стават интересите на земјата. Пратениците и комесарот Хан ја поздравија искрената дискусија околу клучните теми на несогласувањата. Сите страни се согласија дека е важно средбите да продолжат – се наведува во заедничкото соопштението на тројцата пратеници и еврокомесарот Хан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.