По повод еден век од загинувањето на Јане Сандански (22 април 1915) вечер на малата сцена во Драмски театар-Скопје премиерно ќе биде изведена монодрамата „Јане Сандански 100 години после“ во изведба и режија на актерот Петар Темелковски.
Тој има реализирано голем број монодрами (за Вапцаров, Филип Втори, Рацин, Јустинијан…), а на прес-конференција рече дека од сите досегашни Сандански му оставил впечаток на најтрагична фигура во македонската историја.
– За разлика од другите илинденци – Делчев, Груев, Карев, Гули…, кои го завршија животот со сон дека Македонија ќе биде независна, обединета и силна држава, Јане Сандански ја доживеал поделбата на Македонија на 10 август 1913 во Букурешт. Во него се направил прелом и тој влезе меѓу оние личности од светската историја кои ја презираат опасноста од смртта. Неговиот земен живот од август 1913 до убиството во 1915 е привремен и е лебдеење. Иако бил предупредуван да го одложи патувањето, тој свесно тргнал по патеката на која го завршил животот. Кога ги загубил идеалите, нему му било сеедно каде ќе го најде крајот. Смртта ја прифатил како составен дел од својот живот, рече Темелковски.
Монодрамата се однесува само на тие две последни години од животот на Сандански. Авторот користел архивски материјали од македонски историчари. Но претставата, додаде тој, не е само сувопарна хронологија на историските настани, туку внел и свои коментари и таа има емотивен пристап и поетична димензија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.