| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија доби покана за пристапување кон конвенцијата за заедничка транзитна постапка

транзит

 Република Македонија доби покана за пристапување кон европските конвенции за заедничка транзитна постапка и за поедноставување на формалностите при трговија со стока, кое официјално треба да се случи на 1 јули годинава.

Поканата  до мисијата на Македонија во ЕУ вчера ја упати Генералниот секретаријат на Советот на европските заедници, како депозитар на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стока, по претходна одлука на Мешовитата комисија, соопшти денеска Царинската управа на Македонија.

Заедничката транзитна постапка, укажува Царината, на економските оператори ќе им овозможи полесно и побрзо движење на стоката, поедноставување на царинските формалности преку електронска обработка на податоци при нивно спроведување и намалување на трошоците на постапката со овозможување користење електронски транзитни декларации и спроведување транзитна постапка со единствен транзитен документ и единствена транзитна гаранција од кое било место на поаѓање до кое било одредиште во рамките на договорните страни на конвенциите, соопшти Царинската управа.

На македонската Царинска управа, според соопштението, заедничката транзитна постапка ќе и овозможи зголемување на ефикасноста и ефективноста на транзитната постапка, унапредување на системите за превенција и откривање измами, како и зголемување на безбедноста при спроведување транзитни операции. На Република Македонија во целина, спроведувањето на заедничката транзитна постапка ќе и овозможи исполнување на еден од условите за пристапување кон Европската унија и ќе ја доближи на чекор од Царинската унија.

Добивањето на поканите од Генералниот секретаријат на Советот на европските заедници е единствен начин за пристапување кон конвенциите. – Следат по успешно спроведената оценска мисија од страна на Мешовитата комисија, во рамки на која позитивно беше оценета подготвеноста на Македонија за пристапување кон конвенциите од аспект на степенот на усогласеност на националното царинско законодавство во делот на транзит и обрасците и начинот на пополнување на Единствениот царински документ (ЕЦД), усогласеноста на националниот Нов комјутеризиран транзитен систем (НКТС) со барањата на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка, обученоста на царинските работници, економските оператори и другите учесници во заедничката транзитна постапка и соодветна организациска поставеност на Царинската управа согласно барањата на заедничката транзитна постапка, соопшти Царинската управа на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top