| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Немам намера да поднесам оставка, ниту пак да прифатам преодна влада (видео)

Премиерот Никола Груевски изјави дека нема да даде оставка, бидејќи мандатот го добил од граѓаните на Република Македонија на регуларни, фер и демократски избори пред само една година.

– Оставка немам намера да поднесам, ниту пак да прифатам преодна влада. Имам обврска да се справам со ова што го прави Заев, да се справам со ова и да најдам решение Македонија да оди напред. И ќе оди напред, истакна Груевски денеска на гостувањето во вестите на Сител телевизија.

Посочи дека Зоран Заев пет пати му кажал дека материјалите ги добил од странска разузнавачка служба.

– Значи дека е свесен дека некој однадвор го креира ова сценарио. Јас да се повлечам би било кукавички чин, јас ќе се соочам со нападот кон нас и заедно со народот да покажеме дека Македонија не може на ваков начин да биде нападната, Македонија покажува и ќе покаже цврстина, рече Груевски.

Премиерот потсети дека тројца функционери за кои никој нема докажано никаква вина поднесоа оставка. – Тие решија да поднесат оставки за да се види дека немаат никаква вина и сакаат тоа да го докажат без свое присуство и влијание, додаде тој.

– Сега се соочуваме со материјалите кои излегоа во медиумите, а во кои се гледа класично барање на мито од страна на Заев на најмалку тројца луѓе. Тој не се повлекува од функцијата, а тоа јавно го побаравме од него. Од Владата си заминаа луѓе без никаква вина, а тој не го прави тоа кога може да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Да беше чист ќе се повлечеше, нагласи Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top