| четврток, 6 декември 2018 |

Бара ли Бранко нов Рамковен договор?

Поранешниот премиер, претседател и лидер на СДСМ излезе од илегала и веднаш предизвика внимание како што доликува на некој што бил во највисоките државни структури од независноста до пред две години. Иако овој пат не најави кратење на пипалата на корупцискиот октопод или вработување по еден член од секое македонско семејство, тој повторно предизвика внимание особено кај делот од опозициската јавност што се двоуми дали да се стави на располагање на „шефот“ или на актуелниот лидер на СДСМ. Пораките што ги испрати Црвенковски во интервјуто на „Телма“, за тие што имаат дилема, се јасни - „тие што се со Заев, не се со мене“

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Многу од пораките на Цр­­­венковски изгледаат ло­­­г­ично. Тие што не ја сле­деле неговата кариера богата со политички лупинзи, би можеле да помислат дека човекот сака да помогне во овие тешки мигови за Македонија. Се разбира, и тоа сценарио не може целосно да се исклучи, но, сепак, и површна анализа може да покаже дека во неговите ставови и предлози има скриени мотиви и нејаснотии. Една од нив е неговото барање за нов лик на македонскиот политички и општествен систем.

Според него, „по девет години елементарна непогода наречена Преродба, на Македонија ѝ е неопходно едно редизајнирање и редефинирање на целокупниот општествено-политички и економски систем. Тоа ќе биде макотрпна работа. Сложена работа. Првиот предуслов е оваа власт да си замине“.

Што точно значи тоа, знае само Црвенковски. Прочитано на прва и дефинирано според постојната политичка литература, Црвенковски бара нов државен систем, но не кажува дали е тоа нов обид за социјализам, некаков нов вид капитализам или можеби бескласно општество. Ако се исклучат робовладетелството и феудализмот, тогаш остануваат нов Рамковен договор, федерализација на државата и кинескиот модел во Хонг Конг.

Што е тоа што го има на ум Црвенковски во ситуација кога де­с­ни­чарската влада на ВМРО-ДПМНЕ презеде десетина крајнолевичарски потези почнувајќи од здравствено осигурување за речиси сите граѓани, бањи за пензионерите, па сè до бесплатни учебници и компјутери за учениците. Ако веќе не планира да го воведе системот „секому според потребите, секому според заслугите“, на Црвенковски му останува кога ќе дојде на власт, или можеби и пред тоа, да воведе нов политички систем со драматични интервенции во економијата и во социјалата. Дали во новиот систем ќе се сечат раце и нозе за корупција и за злоупотреба на службена должност и прељуба, дали секогаш треба да има гарантирано место за СДСМ во Владата, дали за местење тендери ќе се оди на доживотен затвор, дали земјата ќе биде организирана како заедница на федеративни единки и дали, можеби, албанскиот би бил официјален јазик на територија на целата земја, ќе треба да каже во некоја наредна пригода. Вака формулирано има премногу опции како можност за дефинирање на неговите зборови.

Една од најинтересните идеи што ги промовираше Црвенковски во своето прво интервју по долго време е желбата за широк фронт, кој треба да ја обедини опозицијата. Еден месец откако Љубчо Георгиевски јавно кажа дека и во 2001 година и сега структури под контрола на СДСМ во УБК ги организирале аферите „Големо уво“ и „Пуч“, Црвенковски му понуди на некогаш најголемиот ривал повторно да биде дел од планот за уривање на Груевски. И на малоумните, а камоли на Заев, им е јасно дека неговиот поранешен шеф има нешто на ум, нешто што не може да го види обичен човек. Дали и сега, како и во 2011 година, Љупчо Георгиевски, Стојанче Ангелов, Љубе Бошковски треба да бидат дел од вториот ешалон, на исто ниво со Заев, а сите тие заедно под раководната палка на единствениот што бил сè во државата и кој сè уште има енергија и страст да се занимава со политика – основачот и градител на СДСМ, како што кажа самиот Црвенковски.

 

И Црвенковски има бомби

Во интервјуто Црвенковски неколку пати скриено му порача на Заев дека не се плаши од бомбите како таа што, наводно, по грешка била пуштена од СДСМ, а во која се открива како тој се договора со ВМРО-ДПМНЕ, во замена на гласови за уривање на Стевче Јакимовски, да му ископа јама на Жерновски во Центар. Црвенковски, како и Заев, е свесен дека, доколку посака, може да ја преполови партијата што некогаш важеше за државотворна. Од скриените пораки во интервјуто може да се прочита пораката дека доколку Заев не ги следи правилата поставени од Црвенковски, лесно може да се случи еден ден да се разбуди со половина од своите приврзаници. Бавните резултати од досегашните бомби (кои пред еден месец ги квалификуваше како глупост) и стравот од коцкањето со безбедноста на земјата кај голем дел од сегашните членови на СДСМ му даваат добра база на Црвенковски за формирање нов политички субјект или дури трето враќање на чело на партијата. Да потсетиме, СДСМ до пред две години, кога Црвенковски привремено се пензионираше, имаше повеќе од 70 илјади членови, што е огромна бројка доколку е вистинска.

Тоа што за Црвенковски тоа што го прави Заев не е отпор затоа што тој прекинал пред две години, а сега ќе продолжи, е внатрешен проблем на СДСМ и на неговиот основач, но опасно е тоа што за отпор, и тоа активен, не се смета објавувањето материјали со кои целосно е разнишан македонскиот безбедносен систем.

Црвенковски во низата критики кон Заев, кого го критикуваше речиси колку и Груевски, покажа дека не се согласува со новата техника на анимирање на широките народни маси преку социјалните мрежи, односно и Заев и неговиот комуникациски тим ги направи несериозни што се потпираат само на „Фејсбук“ и на „Твитер“.

Сепак, иако многу критичен кон своето некогашно протеже, за кого кажа дека е меѓу луѓето што најмногу напредувале во партијата во негово време, а кого го помилува за случајот „Глобал“, не може да се исклучи дека Црвенковски повторно игра некоја од неговите познати политички криенки во која резултатот не може да го намириса секој.

И покрај сите тие силни критики за лидерот на СДСМ, дел од луѓето што одлично го познаваат упатуваат на можноста Црвенковски, сепак, да игра за Заев, односно да гради свои сопствени политички капацитети кои во даден момент би му биле дадени на тацна на струмичкиот градоначалник во неговата финална пресметка со Груевски.

Човекот што најави дека нема да се кандидира за претседател, а потоа го стори тоа, човекот што од собраниската говорница ветуваше дека ќе расчисти со ТАТ и со „Големото уво“, човекот што не успеа да вработи ниту по еден човек од секое село, а најавуваше вработување во секое семејство, повторно е во игра, и тоа е негово право како граѓанин на Македонија. Доколку во текот на овие две години се стекнал со нови знаења и со нов дизајн на неговите општествено-политички и економски доживувања на Македонија, тој е повеќе од добредојден за да помогне во хаосот што го живее Македонија. Во спротивно, доколку не ги редефинирал своите погледи за Македонија и за нејзината иднина, и нему му се заканува да доживее уште едно големо разочарување.

За приватизацијата е виновна ВМРО-ДПМНЕ

Иако не сакаше да говори за транзицијата, Црвенковски, сепак, ја искористи можноста и ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за катастрофалната приватизација во 90-тите години од 20 век. Обвинувајќи дека досега немал простор каде да ја каже својата одбрана за нападите дека поради него стотици илјади луѓе останале без работа, експретседателот како автор на приватизацијата го посочи првиот премиер на Република Македонија, академик Никола Кљусев, еден од главните играчи на партијата што победи на првите избори, но мораше да формира техничка влада. Според Црвенковски, сега покојниот Кљусев, кој се разбира не може да се брани, е главниот виновник за растурените фабрики, стотиците илјади затворени работни места, милијардите украдени и извадени од државата. Во интервјуто фалеше уште да каже дека за кршењето на ембаргото кон Србија е виновен Лазар Колишевски или, можеби, Никола Карев.

 

(Текст објавен во 140. број на неделникот Република, 8.05.2015)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top