Протестантско-политичка ситуација во земјата! Времето и легалните истражни процедури ќе покажат која била вистинската намера на опозицијата со сценариото што веќе подолг период го спроведува – создава нереди во државата! Да не заборавиме, во нападите кон легално избраната Влада на РМ, опозицијата доби поддршка и од дел од структури, предизвикувачи / учесници во конфликтот во 2001 година? Така пренесоа некои нивни – опозициски портали!
За креацијата, за оригиналноста на сценариото и за прашањата на оваа тема – зошто, кој, како, за релациите, се надеваме ќе го добиеме одговорот… наскоро. Во палатата на правдата!
Почнаа со разновидни „пленумски активности“. Продолжија со протести – против Владата (легално избрана од граѓаните!), а потоа – против „полициска бруталност“! Против „бруталноста на македонската полиција“?!
Изразот „полициска бруталност“ често го слушаме од странски извештаи за случувања при протести на студенти (најчесто поради високата цена на студирањето) и на други категории незадоволни граѓани, кога се придружени со насилства и со деструкција, а полицијата (на развиениот/демократскиот запад) знаеме како ја решава ситуацијата! И нашите протестанти го знаат тоа, ама, сепак, неспоредливо мирното однесување на нашата полиција – во исти услови, го нарекоа полициска бруталност!
Нашиве опозиционери протестите пред Владата (многу ја сакаат таа зграда?!) на 5 мај ги прокламираа како „мирни“, „спонтани“?! Ама не беа ниту мирни ниту спонтани! (Ќе ги видиме следните /17 мај?/ што ги најавуваат).
При опозициските „мирни и спонтани“ протести полицајците беа напаѓани со средства што можат да убијат – камења, бетонски плочки, метални прачки! Имаше брутален напад врз тие што секојдневно се грижат за нашиот мир и безбедност! За безбедноста на нашата држава!
Ги каменуваа (примитивно!; страшно! ), а потоа ги „гушкаа“, им оставија „црвен бакнеж“ на штитот. На работното место, против нивна волја. Во знак на љубов? Почит? Признание за животот на коцка*? Цинично!
Во една пригода, првата половина на деведесеттите години, враќајќи се од научен собир во странство, во купето со нас патуваше припадник на безбедностите сили на РМ. Од целиот неврзан разговор што го водевме со него, никогаш нема да ги заборавам зборовите на нашиот сопатник: – Имам уште некоја година до пензија, се надевам ќе ја доживеам! Беше јасно на што алудира – на ризикот по живот што го носи неговата професија! Во оваа реченица беше/е содржано сè што не можат да го разберат нашиве протестанти! За животот, за професијата, за луѓето што заслужуваат целосен респект!
Полициска бруталност или бруталност кон полицијата?!
За жал, според тоа што реално се случуваше на „терен“, на Илинденска, пред Владата на РМ, според медиумските (ТВ и болнички) извештаи нема дилема – кој е жртва на бруталност во овие протести!
„Мирните“ протести (на опозицијата) резултираа со голем број (38) повредени полицајци, повредени цивили, голема материјална штета; насилство над новинари и нивни екипи.
Во име на каква „слобода и демократија“ го симнаа и кинеа македонското знаме – симболот на државата!
Ги загубија и мерата и компасот! Протестираа и на 9 мај, во исто време кога полицијата водеше жестока битка (реална, не реторичка!) во Куманово! Додека ја бранеше државата! Меѓу протестантите 2-3 универзитетски професори?! Протестирале (со манипулативни реторички аргументи) против „полициска бруталност“. За случаи одамна затворени низ правна процедура! Ама, на овие им требаат алиби за да се појават во уличната колона!
Брутални поединци имало (и веројатно ќе има?) во сите општествени слоеви, служби; таквите плаќаат за својата непресметана бруталност. Плати/плаќа и тој што го одзеде животот на Мартин Нешковски; од пред две-три години одлежува (максимална) затворска казна! Така функционира правото и правдата во сите цивилизирани држави. Злоупотребата (политичка) на ваквите случаи, и постојаното раскрвавување на туѓите рани (токму тоа го прават протестантите), нема друго објаснување освен – однапред пресметана корист!
Македонската полиција (безбедносните структури) беа доведени во ситуација во исто време (коинциденција?!) да ги обезбедуваат „мирните и спонтани“ протести на опозиционерите и да ја бранат државата во Куманово!
Пресретнаа разорно сценарио за Р.Македонија! Високопрофесионално (вака ги оцени и првиот човек на НАТО), јуначки!
За жал, ваквите високоризични ситуации не се без жртви! Загубивме осум бранители, осум животи беа дадени за мирот во државата, за народот и за татковината! Многу од нашите храбри полицајци беа ранети, некои се бореа за живот! Во исто време, по улиците, нашите опозиционери протестираа против „полициска бруталност“, а лицемерството го покажаа наредниот ден – палеа свеќи! За кого?!
Народот е свесен! Не подлегнува на провокациите на опозицијата – на нивните протести. Посвесен од многумина, кои себеси си припишуваат улога на „бранители на слободата на граѓаните“?! Народот сака да живее во мир! Има верба во институциите на државата, во капацитетот на безбедностите сили на Р. Македонија! Тоа е одговорот за тие со прашалници во главата а пропо темава! За опозиционерите, кои подолг период вршат вербално омаловажување на институциите на земјата; тие сонуваат за Илинденска 2.
Граѓаните во овој период дополнително се настроени против СДСМ поради неговите деструктивни постапки, со можен негативен одраз врз функционирањето на важни (економски) сегменти во државата (извоз, странски инвестиции во Македонија!). Тоа ќе го почувствуваат на првите, следни парламентарни избори! Нивното однесување (посебно во ваков деликатен период за државата), ќе биде нивниот изборно-погубен бумеранг!
И, за крај. Треба да се спомене и разочараноста на народот од односот на ЕУ (секако и на НАТО) кон Р.Македонија! Интеграцијата во овие структури, каде би била позаштитена, е спречена поради нереално/неразумно барање на нашиот јужен сосед!
И покрај тоа, граѓаните на Македонија очекуваат од ЕУ, кон која сме силно насочени (последните девет години бележат напредок и позитивна трансформација на македонското општество според европските критериуми – во сите сегменти на државата!) доволно цврсто да застане зад нашата држава со поддршка на правната разврска (во прв ред) и политички дијалог (во Собранието), како решение за наметнатата политичката ситуација од опозицијата, од нејзиното недемократско однесување – непочитување, пред сѐ, на основниот демократски принцип – респект кон изборната волја на својот народ*!
*Пред извесно време, имавме можност да видиме како се почитува волјата на избирачите!
Изборите во Британија (2015) во еден период беа најавувани како многу неизвесни; се очекуваа речиси изедначени резултати меѓу двајцата главни политички ривали – конзервативците и лабуристите. Сепак, победа однесе актуелниот премиер Дејвид Камерон и неговата конзервативна партија (51 процент наспроти 36 проценти)! Една интересна ТВ-изјава (на гласач) како да го најави тоа: – Од конзервативците има незадоволства, ама, кога ќе влезете да гласате ќе се прашате – треба ли да им ја дадеме довербата на Милибанд и на лабуристичката партија. Ед Милибанд, како што е ред (демократски), му честита на победникот, го призна поразот и си даде оставка од челната позиција во партијата. Не се ни обиде својот пораз /со реторичка манипулација/ да го претвори во победа.
Вреди ли да се споредува – однесувањето на СДСМ и на другиот дел од опозицијата во Македонија, откако убедливо ги загубија последните парламентарни избори, пред неполна година (2014)?!
Останува да се надеваме дека македонската опозиција ќе ја подигне линијата на својот демократски капацитет – повисоко!
ПС. Никој не го оспорува демократското право на протести, на кој било субјект во државата; ама, да бидат мирни, ненасилни!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



