| четврток, 6 декември 2018 |

ПССЕ повикува на смиреност по вооружените инциденти во Македонија

пссе

Известувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за Македонија, Роберт Валтер, повика на смиреност по вооружените инциденти во Македонија, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.

– Жалам за загубите на човечките животи и ранетите во оружените судири кои се случија последниве денови во Република Македонија, на границата со Косово – се вели во пишаната изјава на британскиот парламентарец, член на ПССЕ.

Овие настани, како што посочува, се случија во момент кога земјата се соочува со сериозна политичка криза.

– Ги повикувам сите страни да ја зачуваат смиреноста, потребно е да се избегнат судири и да се спречат нови акти на насилство кои можат да ѝ наштетат на стабилноста на земјата и на регионот. Истовремено, во надлежност на сите политички партии избрани во Парламентот е да ги надминат длабоките политички  и етнички разлики кои сѐ уште се присутни – вели известувачот на ПССЕ за Македонија, потсетувајќи на значењето на мирниот соживотот и интеракција меѓу различните етнички заедници во земјата.

Делегација на ПССЕ од Комисијата за следењето на обврските на земјите-членки на Советот на Европа, во чиј состав беше и Роберт Валтер,  ја посети Македонија на 28 и 29 април и предложи серија мерки за надминување на политичката и правосудната криза во која се наоѓа земјата, се вели на крајот од соопштението на ПССЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top