| четврток, 6 декември 2018 |

ПССЕ ќе расправа за извештајот за изборите во Република Македонија

parlamentarno sobranie psse

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), на зимската сесија (23 – 27 јануари) денеска ќе го разгледа извештајот за парламентарните избори во Македонија, кои беа набљудувани од негова делегација, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Покрај извештајот за спроведените избори, на дневниот ред на ПССЕ најзначајната дебата е посветена на нападите врз новинарите и слободата на медиумите во Европа, за предизвиците и одговорностите на он-лајн медиумите и новинарството, како и потребата да се стави крај  на кибердискриминацијата и говорот на омраза на интернет.

Меѓу барањата за итни дебати на пленарната сесија се најдоа  „Функционирањето на демократските институции во Турција” и за „Кога великодушност, алтруизмот, хуманоста и западните демократски слободи се соочуваат со радикална нетолеранција и насилство: итен повик за реформа на неефикасните  европски политики за миграција, интеграција, безбедност и контрола на границата “. Како актуелна дебата е предложена расправата за „Ситуацијата во Сирија и нејзиното влијание врз соседните земји”.

Никос Анастасиадес, претседател на Кипар, Клаус Јоханис, претседателот на Романија, и Јоханес Хан, еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, треба да им се обратат на пратениците од 47-те земји членки на Советот на Европа.. Торбјорн Јагланд, генералниот секретар на Советот на Европа, ќе му се обрати на ПССЕ, а министерот за надворешни работи на Кипар, Јоанис Касулидес, ќе се обрати исто така како дел од кипарското претседателство со Комитетот на министри.

Дел од прашања на дневниот ред на сесијата се дискусиите за функционирањето на демократските институции во Украина, за ситуацијата во Либан и ризиците за регионалната стабилност и безбедност на Европа и хуманитарната криза во Газа. Собранието, исто така, ќе ја разгледа и еволуцијата на постапката за мониторинг на ПССЕ за периодот од септември 2015-декември 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top