| четврток, 6 декември 2018 |

Известувачи на ПССЕ за Македонија: Претседателот на Собранието и на Владата мора да бидат назначени преку политички дијалог

psse

-Ние сме шокирани од нападот на Собранието вчера во Скопје. Ги осудуваме овие насилни и неприфатливи напади против пратениците. Насилството нема место во демократијата – изјавија коизвестувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, Лиза Кристофсен (Норвешка, Социјалистичка група), и Валериу Гилецки (Република Молдавија, Европски народни партии) – пренесува дописникот на МИА од Стразбур.

Апелираат до сите политички партии и засегнати страни да се воздржат од разгорување на тензиите и да покажат одговорност со поттикнување на дијалогот и отворајќи го патот за мирно политичко решение.

– Во демократските земји, претседателот на Собранието и на Владата мора да бидат назначени преку политички дијалог, во согласност со изборот изразен од страна на гласачите и демократските принципи –  се вели во нивното заедничко соопштение.

Парламентарното собрание внимателно ќе го следи тековниот развој на ситуацијата во земјата.

– Време е да се стави крај на политичкиот ќор-сокак, четири месеци по парламентарните избори – додаваат Кристофсен и Гилецки.

Граѓаните, како што посочуваат, заслужуваат нивните интереси и очекувања да се разгледуваат со достоинство и смиреност, односно да се лансираат неопходните и итни реформи за обезбедување демократија, владеење на правото и човековите права, за доброто на сите граѓани.

– Ние очекуваме македонските власти да ги преземат сите неопходни чекори за надминување на оваа криза и повторно да се воспостават функционални демократски институции – истакнуваат Кристофсен и Гилецки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top