| четврток, 6 декември 2018 |

Одговорност

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Актуелната политичка ситуација во Македонија и понатаму е исклучително компликувана и ни малку наивна, што упатува на заклучокот дека е потребно да се посвети посебно внимание на секоја ситуација што може да доведе до зголемувањето на нивото на ризик и на закана по безбедноста и стабилноста на државата, а со тоа и до евентуално натамошно усложнување на внатрешните општествени и политички состојби.

Во моменти кога најголемиот дел од граѓаните изразуваат сериозна и реална загриженост и кога е присутна опасноста од продлабочување на политичката криза, најмалку е потребно да се создава дополнителна тензија меѓу самите граѓани. Токму во таа ситуација повеќе од кога било е потребно да се вложат зголемени напори за воспоставување вистински и конструктивен политички дијалог.

Зар секој од нас не би сакал да се избегнат бескомпромисните и деструктивни активности и обиди за создавање сценарио, според кое се оправдуваат нападите врз легитимните институции во Македонија, кои, според оцените на меѓународната заедница, испорачуваат солидни резултати.

Веројатно пожелно е да констатираме дека легитимноста е поврзан со функционалноста и одговорноста на институциите, а не со претпоставениот успех на глума за наивност, невиност и намерното упатување на прстот кон погрешните виновници. Потребно е да се нагласи, но и предупреди дека тој што ја подгрева политичката атмосфера и создава раздор и нетрпеливост по партиска, национална и по религиозна основа и ја доведува во опасност или ја загрозува безбедноста на државата и нејзините граѓани ќе мора да ја понесе и сета политичка, кривична и материјална одговорност за последиците од евентуалните негови непромислени дејства.

Со деструктивниот ангажман и одвлекување на вниманието од суштинските активности, веќе е нанесена доволно штета во однос на надворешно-политичката позиција на државата, на нејзиниот економски и кредитен рејтинг. Во ова време на глобална финансиска и економска криза, кога секоја критика создава макар и минимални услови за зголемување на некомерцијалниот ризик и можност за постепено одвраќање на странските инвеститори од РМ, потребно е да се избегнуваат дополнителни немири, тензии и демонстрација на сила и на моќ.

Зар сега не е вистинското време тие на кои личниот интерес им е поважен од општествениот и на кои здобивањето со краткорочни политички или друг вид придобивки им се поважни од интересот на својата држава да ја препуштат политиката на професионални, морални, чесни, образовани и квалитетни кадри, кои имаат стратегија и јасно поставени програмски цели. Би сакал сите млади во државата наместо да размислуваат за напуштање на својата земјата, да добијат шанса сиот свој труд, знаење и емоции да ги внесат во програмирањето на перспективите на државата и нивните сограѓани, кои несомнено заслужуваат подобра иднина.

Способноста за менаџирање на кризи и самостојно решавање макар и на најтешките проблеми е дополнителен доказ за постоење на високо ниво на политичка одговорност, подготвеност за дијалог и подготвеност за барање на компромисни решенија, кои за да бидат применливи очекувано е да бидат и конзистентни, приспособливи и од интерес за државата и нејзините граѓани.

Од нас зависи каква ќе биде нашата иднина, а неа, во секој случај, најсоодветно е да ја бараме преку наша соодветна надворешно-политичка промоција во светот, подобро образование, солидно здравство, повеќе странски инвестиции, нови економски партнерства, посилна конкуренција, поголема продуктивност, зголемена потрошувачка и нови вработувања.

Покрај тоа што демократијата е право на современиот граѓанин, таа истовремено претставува и негова одговорност. Непотребно е духовите од минатото, кои уништуваат сѐ што е вредно и сѐ што влева нова надеж, повторно да ги будиме. Себичниот интерес на поединци не смее да надвладее над колективниот интерес на нацијата, а токму тука лежи нашата одговорност како Македонци. Да, сите треба да протестираме, но против секој поединец и секоја група што имаат за цел да ја нарушат стабилноста, безбедноста, мирот и просперитетната иднина на нашата земја.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top