| четврток, 6 декември 2018 |

Данска ја подржува Македонија во Советот на ЕУ за фер проширување

За време на работната посета на Кралството Данска, министерот Никола Поповски во Копенхаген имаше средба со својот дански колега, министерот за надворешни работи Мартин Лидегард, како и со министерот за трговија и развојна соработка Могенс Јенсен.

-Република Македонија, рече тој, особено ја цени поддршката од Кралството Данска за што поскоро отпочнување на пристапните преговори меѓу Република Македонија и Европската Унија. За време на Данско претседавање со ЕУ се отворени и потоа затворени преговорите за последното големо проширување.

-Данска ја подржува Македонија  на два начина – преку Копенхашките критериуми и преку глас во Советот на ЕУ за фер проширување. Како земја која била дел од првото проширување чувствува должност да не подржува на тој пат. Денес предизвикот е двоен, прво, од политички опортунизам дома; второ, од уцена надвор за идентитетско право. За двата предизвици ни треба одговорен однос и јасна акција надвор, од пријателите на европската идеја за обединување околу вредности. Данска е сигурно во таа група која може да помогне, подвлече министерот Попоски.

Данските соговорници ја повторија поддршката на процесот на проширување на Европската Унија, како и за данското расположение Република Македонија што поскоро да ја види како рамноправна членка на НАТО алијансата.

Во рамките на посетата, министерот Попоски го потпиша Договорот за поттикнување и заштита на инвестициите со данскиот министер за трговија и развојна соработка Јенсен. Во таа пригода двајцата министри истакнаа дека со договорот се создаваат поволни услови за продлабочување на соработката во економската сфера и особено за зголемување на обемот на данските инвестиции во Република Македонија.

За време на престојот во Копенхаген, министерот Попоски оствари средба и со претставници на Данско-македонската бизнис мрежа во врска со иницијативата за формирање Македонски бизнис – културен центар во Копенхаген.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top