Македонскиот првак Вардар вечерва во данска против Копенхаген го игра реванш мечот од второто квалификациско коло за Лигата на шампионите.
Вардарци во овој меч ќе влезат со минимална предност од 1:0 остварена на првата средба во Скопје пред седум дена.
Од таборот на македонскиот првак се свесни дека ги очекува тежок меч особено што данскиот првак ќе има голема поддршка од тримините на стадионот „Телиа Паркен“.
Но, црвено-црните немаат намера да се бранат. Напротив, ќе се обидат да постигнат гол со кој драстично ќе си ги зголемат шансите за влез во плејоф рундата, најавува репрезентативецот Бобан Николов кој постигна два гола во дуелот против Малме
– Очекувањата како кај мене така и кај колегите се да излеземе на терен и да одиграме како на последните три меча. Да покажеме уште еднаш како се игра за Вардар и да испишеме историја. Не може да ветиме ништо, само да дадеме потврда дека ќе излеземе на терен и ќе дадеме се од себе. Не треба да не загрижува противникот, треба ние да сме максимално подготвени. Ако бидеме како што треба, нема да имаме проблем. Се виде на претходните мечеви, ако играме како што знаеме, противникот не треба да не загрижува. Треба да нападнеме и да одиме да постигнеме еден гол. Друго ќе биде ако дадеме, ќе биде многу полесно. Не дојдовме тука со бело знаме да се браниме и да стоиме на 20 метри од голот, изјави Николов.
Натпреварот Копенхаген – Вардар ќе се игра вечерва со почеток во 20 часот, а е еден од петнаесетте кои се играат денеска. Останатите на програмата се утре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.