Мотото на Социјалдемократскиот сојуз „Вистината за Македонија“, зад кое последниве три месеци ги објавува своите „бомби“ и бара да дојде на власт без избори, е, можеби, најдоброто објаснување зошто на Македонија ѝ се случува украински „Мајдан“. Стотина активисти на СДСМ и вработени во седиштето и во невладините филијали на Сорос со сите сили се обидуваат да ни ја продадат својата вистина за Македонија. И успеваат во тоа. Но успеваат само кај тие што живеат далеку, во Балтимор, можеби, или во Киев од каде што преку социјални мрежи се информираат за состојбата кај нас. Дури и нивниот папа во своето традиционално надмено интервју „јас па јас“ им кажа дека тоа е погрешна тактика. Вистината на СДСМ не ја прифаќа никој што има очи и уши. Ако ги читате опозициските медиуми можете да помислите дека на „спонтаниот“ протест по објавените снимки за Мартин Нешковски полицијата, исто како во Балтимор, Франкфурт и во Киев претходно, ги тепаше демонстрантите со пендреци по глава, им прскаше спреј директно в очи, кон нив фрлаше солзавец, користеше водени топови или дека има десетици повредени од користење гумени куршуми. Тоа е вистината што сака да ни ја продадат Заев и неговата група од неколку стотини поддржувачи. Истите тие што со години не можат да се помират дека не се дел од власта и што не можат да замислат дека вмровските „селани“ владеат во земјата речиси 10 години. Проблемот настанува кога секој нормален ќе се праша зошто при толку многу прекумерна сила користена од полицијата не видовме ниту еден нелогичен и незаконски потег на полицајците. А на местото на протестите демонстрантите, покрај фрлањето камења врз полицијата, имаа време да прават видеоснимки и фотографии со своите скапи „ајфони“. Како е можно да не се појави ниту една фотографија или видео во кое ќе се види дека полицајците ги пречекориле своите овластувања и некого тепале без причина или воопшто тепале. Лажните наслови како претепани студенти во читалница или напад на позната новинарка на кои се гледа дека полицијата си ја врши работата без да удри никого не можат да ја потврдат лагата на Заевите демонстранти.
СДСМ како организатор на протестите пред владата мора да разбере дека нивната вистина деновиве најголемиот дел од народот не ја доживува како своја. Во земја во која секој си има своја вистина за политиката, за фудбалот, за економијата е тешко да ја наметнеш својата вистина како апсолутна. На народ што обожава турски серии, но во исто време и е меѓу рекордерите по бројот на отворени страници на „Фејсбук“, не можеш да му наметнеш своја вистина со лаги. Формулата употребена во Киев, кога група од неколку стотини луѓе користејќи снајпери и пропаганда успеаја да го натераат на повлекување претседателот Јанукович, не може да помине во Македонија. Лекцијата од Киев е научена иако на народот воопшто не му треба Украина за да види што е пеколниот план на Заев и на неговите команданти. Заев мора да знае дека тој не е дел од македонската вистина и сѐ додека се однесува така како што се однесува сега нема да може да стане дел од неа. Едноставно е – не политичарите со четири проценти рејтинг, туку народот е секогаш тој што кажува која е вистината за Македонија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.