| четврток, 6 декември 2018 |

„Лице в лице“ подарува книга

lice v lice

Со мотото „Создај навика!“, преку комуникација со публиката и претставување на практична работа од работилници за поттикнување на читачките навики кај децата ќе биде промовиран 15. број на уличното списание „Лице в лице“.

Настанот ќе се одржи во утре, четврток, 7 мај со почеток во 11 часот, во рамките на Саемот на книгата, на штандот на „Табернакул“.

Публиката ќе биде сведок на креирање нови песни, на цртање стихови, на споделување емоции преку стихови или цитати од книги, а ќе биде и дел од случајни читачки средби.

Главни актери на промоцијата ќе бидат учениците кои ги посетуваат едукативните работилници кои се дел од кампањата за поттикување на читачките навики кај децата, која ја креираше и ја спроведува Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, а е дел од проект на ЕВН за поддршка на македонската литература и творештво за поттикнување на читачките навики. Модератор на настанот ќе биде новинарката и водителка Ана Зафирова.

Читателите на „Лице в лице“ кои ќе го набават новото издание за времетрање на саемот ќе добијат подарок книга. На денот на промоцијата ќе бидат подарувани книги од издавачите „Табернакул“, „Три“, „Арс ламина“, „Готен“ и „Магор“, додека во останатите денови од Саемот на книгата, со купен нов број „Лице в лице“, читателите ќе го добиваат и новото издание на „Раскази.мк“, кое ќе биде промовирано во петок, 8 мај, како дел од проектот „Создади книга“ на ЕВН Македонија.

Новиот број на „Лице в лице“ ги позиционира читачките навики во Македонија, донесува текстови за позитивни примери за поддобрување на читачката култура од светот, но и од кај нас. Весела Богдановиќ, наставничка која беше избрана меѓу 50-те најдобри едукатори во светот, се осврнува на важноста од ловењето квалитет, а не грешки во нашиот образовен систем, едукаторката од милион долари Ненси Атвел ја раскажува позитивната приказна од нејзиното училиште за описменување во Америка, а новиот број ќе ги запознае читателите и со образовните методи на иранскиот режисер Мохсен Махмалбаф кој креираше нова генерација филмаџии во Иран.

„Лице в лице“ донесува и текст за библиотеките на 21 век, за бенефитите од примената на техниката брзо читање, како вештина на новото време, за читањето како прекрасно бегство кое редовно го практикува актерката Верица Недеска која се наоѓа и на насловната страница на новиот број на „Лице в лице“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top