Лидерот на британските конзервативци Дејвид Камерон изјави дека нема да прифати да биде премиер на влада што нема да организира референдум за останување или за напуштање на ЕУ.
Во разговор за „Би-Би-Си“, сè уште актуелниот премиер рече дека тој и натаму е уверен дека неговата Конзервативна партија ќе може во преостанатите три дена до изборите в четврток да дојде до потребното мнозинство за ториевците самите да формираат влада.
Во јануари 2013 година, Камерон првпат најави дека неговата партија сака организирање референдум за иднината на Велика Британија во ЕУ, откако претходно Лондон ќе покрене нови преговори со Брисел, околу британско-европските односи.Камерон тогаш рече дека референдумот би се одржал до крајот на 2017 година, доколку неговата партија , на изборите во мај 2015 година, обезбеди доволно мнозинство во британскиот парламент за да може да се покрене процесот за референдумското изјаснување.
Неговиот досегашен коалициски партнер, либералдемократите на заменик-премиерот Ник Клег и тогаш, а и сега се против референдумот, затоа што тие се „најевропската партија„ во Британија.
Против референдумот за напуштање на ЕУ се и опозициските лабуристи, како и Партијата на зелените, Шкотската национална партија (СНП) и велшката Плајд Кумру.
Сите партии сметаат дека излегувањето од ЕУ е спротивно на британските национални интереси, а лидерот на Лабуристичката партија Ед Милибанд, во текот на сегашната предизборна кампања ги нападна конзервативците дека со својата европска политика ја „изолираат Британија„ на стариот континент, додека одржувањето на референдумот и излегувањето од ЕУ ги означи како штетни на британскиот бизнис.
Изјавата на Камерон дека нема да води влада која нема да се согласи за референдумското изјаснување околу членството во ЕУ, значи повик до евроскептичните гласачи да му ја дадат нему довербата, а не на антиевропската Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП), која заговара излез од ЕУ и е против преговори со Брисел оценувајќи ги како „залудно трошење време„.
Реакцијата на сегашниот премиер означува и дека тој, сепак, смета и на коалициската влада и притоа ги известува потенцијалните партии-кандидати за коалицирање дека услов за тоа е идниот референдум за ЕУ. Изборот на кандидати, засега, се сведува само на УКИП, иако и оваа партија бара како свој услов, референдумот да биде организиран уште во текот на идната година.
Пораката на Камерон, доаѓа по ијавата на неговиот сè уште актуелен коалициски партнер Ник Клег, за тоа дека не е исклучено одново да има ториевско-либералдемократска коалиција, но дека овој пат, партијата ќе инсистира на нејзината изборна платформа,а таа заговара останување во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.