| четврток, 6 декември 2018 |

Визијата на премиерот

Бона Лазар Бајрактарова

колумнист Бона Лазар Бајрактарова

Македонија 2006 vs Македонија 2015!

Преку компарацијата на состојбите во Македонија во 2006, и денес, девет години по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, јасно може да се согледа визијата, што за развојот на државата ја имал лидерот на оваа партија, актуелниот премиер Никола Груевски. Се работи за период  што бележи рапиден напредок на државата, признал некој или не!  Фактите се факти… и, …свети… Иако, има уште многу да се работи! И, се работи!

Го пишувам ова без какви било претензии, како граѓанин на оваа држава! За мене, признавањето или пофалбата на туѓите резултати никогаш не претставувало проблем; напротив – се радувам на успесите на другите (на моите студенти, помладите колеги…), а уште повеќе, кога тие имаат (по)широко значење!

Во 2006-та, на редовните парламентарните избори, владејачката ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски, ја доби довербата на народот! Победи со убедливо мнозинство!

Така беше на сите наредни, вонредни парламентарни избори /2008, 2011, 2014/, што СДСМ /со останатата опозиција/ ги предизвикуваше со некоректен притисок врз власта. Секогаш со надеж, дека своите објективни порази (заради безидејноста и индолентноста) на наредните избори (можеби) ќе ги претвори во победа… А, поразите беа сè потешки!  Во 2014, изгуби со над 200. 000 гласови!

Во Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, народот препозна лидер со инвентивен ентузијазам; личност која внесе свежа енергија во политичкиот и општествен живот на Македонија. Човек, кој целиот свој професионален и работен капацитет беспоштедно и со љубов ѝ го посвети на својата држава (Македонија). Личност, која, никаква (тенденциозна) реторичка приказна не може да ја измести од работниот амбиент, зашто се радува на создаденото; заради себе, и другите! А, кон таквите, имаме посебен респект.

Функцијата – премиер на Р.Македонија, Груевски ја започна со јасна визија за нејзината иднина. Дојде на чело на прилично зачмаена држава, во која на многу полиња требаше да се почне од “А”.

Во државата, за прв пат, еден политички субјект им понуди на избирачите програма во која е назначено сè што планира да реализира во изборниот мандат. Немаше општествен сегмент кој не беше опфатен, а особена вредност претставуваа зададените рокови, реализатори и финансиска конструкција на предвидените проекти, како гаранција за реалноста и изводливоста на планираното. Интересен беше и редоследот на планираните активности, на приоритетите – најнапред она што беше значајно за Македонија – како држава! Имаше многу да се направи. Време беше Македонија да покаже дека се менува, дека се реформира; почнувајќи од најбаналните инфраструктурни проблеми (работи на кои не можевме да се гордееме), кои развиените држави ги имаа решено пред столетија!

Груевски стана локомотива на развојот на Македонија. Во владата вклучи луѓе со препознатлив едукативен и професионален бекграунд; некои од нив дојдоа од странски престижни институции! Сите заедно се посветија на реализацијата на предизборно-ветените проекти за развој и просперитет на државата!

Едно мора да се признае – Груевски наметна пеколно работно темпо! По осамостојувањето на Македонија, сериозниот и одговорен пристап во државното водство мораше да биде одговор на заменетите тези – поимање на демократијата како можност за комотно и недоволно одговорно однесување! Работната дисциплина, одговорното однесување, обезбедувањето соодветен работен ритам за испочитување на самозададените рокови при реализацијата на планираните проекти (со сите можни слабости во работата), ѝ донесе напредок на Македонија на сите полиња. Сите од владиниот тим успешно ги преземаа своите обврски; викендите ги претвораа во работни денови! Но, вака воспоставениот пристап во работата, опозиционерите и нивни блиски поддржувачи го нарекоа “режим”! Премиерот Груевски диктатор! (Режим – точно определен ред на живот, работа… систем на правила, мерки… , Македонски дигитален речник).

Како и да е. Признаам, многупати на шала велев – чудо како не му “бегаат” министрите на премиерот? (Екс-министер, од една претходна влада, во една прилика искрено призна дека не би можел да го следи темпото на Груевски!)

Владата работеше, и работи со максимална ангажираност, посветеност, а резултатите станаа видливи! На сите полиња. Почнувајки од доменот на културата (духовното), до материјалното. Решенија за почит (велелепни зданија, болници, училишта, спортски сали и терени, булевари/ патишта/автопати, аеродроми… Разновидна, најсовремена опрема и мерки како предуслов за голем напредок во ИТ секторот, во здравството, образованието… има многу да се набројува!

Не може да се заобиколи грандиозниот проект Скопје 2014, кој со сите можни забелешки, произведе трајни вредности за државата! Од еден многу едноставен град со скромни содржини, Скопје последниве години прерасна во вистинска метропола; позитивна трансформација има на ниво на целата држава!

Ангажманот на владата, и разните законски решенија во доменот на економските политики резултираа(т) со многу сериозни странски инвестиции, кои пред 2006-та година не можеше ниту да се замислат. Оттаму, може да се критикува, коментира, но фактите се факти, колку некој и да сака да ги извртува и реторички менува заради лични потреби!

Последниве девет години се направени огромни промени во државата. Воспоставени се правила; релевантни странските институции (Светска банка, ММФ, Стандард и Пурс) преку објективни параметри, позитивно ги оценуваат политиките на владата; резултатите од напорот на премиерот и целата влада за привлекување странски инвеститори – успешни*.

Медиумскиот коментар и споредбената анализа (зошто Р. Македонија е одбрана како поповолна инвестициска дестинација, отколку друга, соседна земја), ги покажува предностите на Македонија: реформиран даночен систем во Македонија, мал број давачки и помалата бирократија; намален број на даноци, 20 пати помали трошоци за водење бизнис, многу помалку прописи што го регулираат водењето бизнис, многу поефикасен правен систем во Македонија…(Д.Р.)

Неколкумина проопозициски настроени новинари, професори, “аналитичари” и самите незадоволни од изгубеното политичко влијание во државава, а свесни за неможноста СДСМ преку избори да ја добие довербата на народот, заговараат масовни демонстрации (тоа е играње со оган!) на разни групации, пленуми, одработувајќи за  агендата на СДСМ – дестабилизација на државата, на институциите, и изнудување на некаква нелегална влада.

Во сето ова, за мене најголемата грешка во нивната политички  некоректна борба е поттикнувањето на средношколците и студентите да протестираат за работи кои не се решаваат преку грубо нарушување на образовниот процес, кршење на образовните права на оние ученици/студенти кои не се согласуваат со оваа наметната, необразовна шема! За мене, единствен назив за ова е – бескрупулозна монструозност!

Релевантните политички субјекти дејствуваат во легалните институции на државата (во Собранието), не на улица!

СДСМ не е во позиција да поставува ултиматуми, на една легално избрана власт од народот! Никакви реторички или прислушувачки  манипулации, во тоа не можат да ѝ помогнат. Мора да им биде јасно, дека правна разрешница за утврдување на фактите (во наметнатата политичка ситуација) мора да претходи, и да не се надеваат на политички договор што незаслужено ќе ги внесе во власта!

Груевски од ВМРО-ДПМНЕ направи (нај)голема, респектабилна партија во Р.Македонија. Ја отвори за сите кои сакаа(т) да ја прифатат нејзината платформа. А некои “демократи” од типот на некакви тројки или форуми… сакале да ја “реформирaат” партијата… Некои од овие “освестени демократи”  и не биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а имаа високи функции, добиени токму како резултат на ширината на погледите на претседателот на таа партија (Груевски), давајќи им можност да го по(до)кажат својот капацитет! А, истите тие (очекуваа доживотно да бидат дел од владата, зашто самите си припишуваа високи вредности), му забележуваа(т)  дека, ги “запоставил” своите вмровци!

Во целиот вербален и “пленумски” хаос што СДСМ го прави во државата, Груевски покажа одлучност со соодветен одговор, силно поддржан од народот – не само од членовите на партијата: нормално функционирање на државата и реализирање на програмата, заради која ја доби довербата на граѓаните!

Никола Груевски – има визија за иднината на Македонија!

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top