Во третото коло од квалификациите за Европското првенство во Полска, Македонија на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“ во првите 30 минути против актуелниот олимписки, светски и европски шампион Франција има негатива од 2 (13-15).
Од самиот старт на натпреварот Франција поведе со 5-2 и се чинеше дека ќе ја покаже сета своја сила и моќ, но избраниците на Ивица Обрван ја стабилизираа играта и во 20 минута од натпреварот дојдоа и до гол предност (10-9). Во тој момент од играта на голот застана Петар Ангелов кој бодрен од домашната публика успеа да спречи три напади по ред и да ја крене целата сала на нозе. Во нападот играта е поставена на долги комбинаторики со најчеста завршница на Кире Лазаров кој во овој перид од играта веќе нанижа пет голови.
На спротивната страна блеска бесвременскиот Тјери Омејер кој успеа да наниже осум одбрани. Во нападот Гигу е најефикасен со четири гола, додека браќата Карабатиќ имаат дадено по три.
Со ваква игра во вториот дел Македонските репрезентативци може да се надеваат на позитивен резултат и без пораз и со кренати глави да одат на реваншот во Тулуз што се игра на 3 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.