Неуспешниот референдум уште еднаш сервираше на маса неколку силни аргументи со кои може многу едноставно да се заклучи зошто опозицијата е многу далеку од толку посакуваната поддршка на граѓаните. Во исто време ситуацијата може да се искористи за планирање на следните чекори, но, се разбира, тоа може да го направи некој што знае… А, таков стратег во моментов нема во првите опозициски редови.
Целиот опозициски блок, вклучувајќи ги и неговите ментори од надвор, се соочи со реалноста и сфати дека ситуацијата на терен е речиси непроменета во однос на периодот пред почетокот на презентирањето на таканаречените бомби. Со други зборови, ефектот кај јавноста од нелегалните снимки е приближно еднаков на нула. Тоа значи дека од една страна соработката на раководството на СДСМ со странските служби не успеа ниту за милиметар да го смени мислењето на народот, а од друга страна нанесе уште поголема штета на имиџот на опозицијата. Нормално, Заев, Шекеринска и нивните најблиски соработници во СДСМ, како и Жерновски никогаш нема да го признаат сопствениот неуспех, но сигурно опозиционерите со здрав разум се способни сами да ја анализираат ситуацијата и да ја преиспитаат поддршката за деструктивното сценарио, кое, очигледно, не ги води никаде освен во сѐ поголема пропаст.
Неуспехот никогаш нема да го признаат ниту партиските советници, аналитичари, стратези за односи со јавноста и Соросовите платеници. Со тоа само ќе ја потврдат сопствената неспособност, која сѐ уште дебело ја наплатуваат од странски фондови. Место самоаналитичност и самокритичност, ќе следуваат сѐ посилни меѓусебни обвинувања за тоа кој знаел да одработи како што треба, а кој не знаел…
Никој од нив нема да признае дека со деструктивна политика не се освојува власт затоа што не знаат што е конструктивност. И понатаму ќе заговараат нови видови негативни кампањи затоа што не се способни да смислат ништо позитивно. Ќе продолжат да го навредуваат народот што не мисли како нив, но никако нема да ги прифатат забелешките дека виртуелниот свет во кој живеат е многу поинаков од реалниот во кој веќе одамна никој не им верува. Нема да можат да се помират со фактот дека не успеваат да победат дури и кога немаат реален противник на терен што, со други зборови, значи дека почнаа да губат и од самите себе.
Но, со тоа што не го признаваат поразот на стратегијата не значи дека не се свесни за неуспехот да го придобијат народот. Резултатот од референдумот јасно покажува зошто првичната процена на Заев дека власта ќе падне за три дена, се одолжи на триесет дена, па на три месеци, па до недоглед… Јасна беше и намерата, референдумот да се искористи како премин на ново ниво од сценариото, кое предвидува масовни собири на улиците. Но, место да дејствува како ветер во грбот, создаде дополнителен страв во редовите на опозицијата да не се случи уште едно фијаско. Токму затоа Заев призна дека протестот е одложен. Дали и во каков облик ќе има таков собир во мај останува да видиме. Искрено се надевам дека ќе преовлада разумот кај граѓаните во оваа напната атмосфера и дека ситуацијата ќе остане под контрола наспроти желбите на опортунистите, кои излез од ситуацијата гледаат во создавање нов „Мајдан“ или „Таксим“.
Додека Заев ги планира следните чекори на продлабочување на кризата, граѓаните го очекуваат почетокот на судскиот процес во кој со право очекуваат да ја дознаат целата вистина за случајот „Пуч“.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.