| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на слики од Марина Лешкова во Галерија МКЦ

unnamed (3)
Вечерва во Галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложба на слики од Марина Лешкова со наслов „Флуктација од една позиција во друга“.
Марина Лешкова е родена на 25.9.1957 година во Скопје. Дипломирала 1984 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, истата година дипломирала на Историја на уметност со археологија на Филозофски факултет во Скопје. Работи во НУ Музејот на современата уметност Скопје, како историчар на уметност / виш кустос. Работи како академски сликар.
„Станува збор за уметност што несубверзивно надразнува бидејќи Марина Лешкова негува некоја сопствена, дури чиста интимна лиричност, која дозволува преплетување на носталгичноста кон љубовта, среќата, поретко тагата. Нејзината аналитичност при конципирањето на визуелните глетки што ја преферираат претходната помешаност на чувствата, конкретно поаѓа од иницијални споени констатации и референци на Сезан, Матис, Моне, Мондриан,Мaљевич, Kле, Кандински, Вазарели или Ван Гог.
unnamed (2)
При анализата нa нејзините последни три самостојни презентациии видливо е колку модусите на современата уметничка практика во себе обединуваат. Како и во претходните две („Приказната за изгубениот рај“, 2012 година и „Дискурси на орнаментот: Омаж на Мондријан и Малјевич“, 2014 година) и во оваа проект-изложба сликарскиот процес ја покажувa неможноста за изразување без потпирање на веќе одамна искажаните поетики и постапки, сега главно врзани за Матис и Мондријан. Вешто цитираните елементи (мотиви) како и субјективниот однос кон нив ја одразува нејзината “смелост“ да ги внесе во длабок личен контекст. Затоа делата од овој децениски опус се цврсто поврзани во циклуси со интенција нарацијата и симболичната глетка да имаат свое течение од слика на слика (во поголема или помала групација или поединечно). На еден инвентивен начин прифаќањето на ретро-традиција го актуелизира нејзиното сликарство, кое останува отворено посебно околу проблемот на разработка на структурата на одбраната предлошка, композицијата и дијалозите на фигуративното и апстрактното. Последново навраќањето кон Матис или Мондријан претставува сублимат на нејзините досегашни искуства во кои е битно да се одржи дигнитетот на чинот на сликањето“ вели Марика Бочварова Плавевска.
unnamed (1)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top