| четврток, 6 декември 2018 |

Во Венецуела намалено работно време за да се штеди струја

Владата на Венецуела реши да го намали работното време на вработените во јавниот сектор, место осум на пет и пол часови за да се штеди електрична енергија.

Венецуелскиот потпретседател Хорхе Арваза изјави дека ваквото решение е дел од владиниот план за рационалнизација во трошењето на струјата, откако потрошувачката на електрична енергија значително се зголеми, поради жешкото време и високите температури што ја зафатија оваа земја.

Вработените во јавните служби и целиот државен сектор ќе работат од 7.30 до 13.30 часот, за да се избегне вклучувањето на апаратите за ладење и климатизерите.

Одлуката за намалување на работното време доаѓа по сериозната хаварија на електросистемот на Венецуела, во понеделникот, кога поголемиот дел од оваа јужноамериканска држава остана без струја.

Владата побара од приватните компании да користат сопствени генератори за да имаат струја за своите потреби и за ладење, но најголемиот проблем не се фирмте, туку домаќинстава кои се најголемите потрошувачи на струја.

Потпретседателот Арваза ги повика граѓаните на рационално трошење на електричната енергија предупредувајќи дека сите може да останат без струја.

Венецуела е голем производител на нафта и земја со најголеми резерви на „црното злато“ заедно со Саудиска Арабија и Ирак, но струјата ја добива од електричните централи, а оние со кои се располага, не се доволни за нараснатите потреби од струја.

Економската криза во земјата, предизвикана од популистичката политика на левичарската влада во Каракас, како и од драстичниот пад на цената на нафтата на светскиот пазар, ја остави Венецуела, иако богата со нафта неспосбна да ја снабди земјата со сите потребни призводи за домаќинставата и без можноста да увезува струја.

Дури 96 отсто од приходите на земјата, потекнуваат од продажбата на нафтата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top