Шест лица се уапсени под обвинение за планирање на нападот на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро врз кого имаше обид за атентат со дрон кој што пренесувал експлозив.
– Засега имаме шест уапсени терористи и платеници, како и неколку запленети возила. Претреси се извршени во неколку хотели во престолнината каде што се пронајдени и докази за поврзаноста со обидот за убиство на претседателот. Сите извршители на нападот и сите тие кои што учествувале во планирањето во земјата и во странство се уапсени, а не се исклучени и нови апсења овие денови – изјави министерот за внатрешни работи на Венецуела, Нестор Реверол.
Во нападот биле користени две беспилотни летала и двете летала биле наполнети со силен експлозив „С4“ кој што според министерот, можел да предизвика голема штета во радиус од 50 метри.
– Едно од леталата прелетало над претседателската говорница каде што требало да биде активиран експлозивот, но уредите за попречување на сигналите придонеле да биде променет правецот на леталото. Поради тоа, експлозивното полнење било детонирано над предвидениот круг – открива министерот за внатрешни работи на Венецуела.
Контролата над вториот дрон била загубена и истиот експлодирал удирајќи во зграда недалеку од местото на кое што се одржувала воената парада, пренесуваат тамошните медиуми повикувајќи се на информации од министерството за внатрешни работи.
За еден од уапсените откриено е дека била издадена потерница за „терористички напад“ на воена база во Валенсија, недалеку од главниот град на Венецуела – Каракас, на 6-ти август 2017-та година, во кој што учествувале 20-тина „платеници“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.