Јасниот приод кон идентитетот го замаглуваат глобалните трендови што, денес, сеопфатно го преобликуваат општествениот живот. Имено, во процесот на глобализација, колективните идентитети стануваат ранливи, а мултикултурните реалности се релативизирани. Придонесува и ерозијата на суверенитетот на нацијата-држава поради што власта се извршува како техничко дејствување.
И затоа при определувањето на идентитетот кај нас и пошироко, не само што се јавува културен и морален релативизам, туку се создава, на пример, недоволно јасна дистинкција помеѓу националниот и културниот идентитет. Во дискусија се внесува и постоењето на европскиот идентитет иако, при создавањето на Европската унија, не е прифатено, со нејзиното основање, дека се создава таков идентитет. Всушност, се афирмираат различните културни идентитети, така што во Повелбата на ЕУ и, одново, во Лисабонскиот договор од 2009 година, се дефинира дека европската заедница функционира единствено врз граѓанско-правните „универзални вредности на човековото достоинство, слободата, еднаквоста и солидарноста“, а не и врз нов колективен идентитет. Современите обиди да се декларира европскиот идентитет, било поврзан со заедничкото историско минато на членките, било врз христијанството како религиска основа на заедницата, од своја страна, остануваат неуспешни.
Идентификацијата на хуманото битие дава одговор на севкупните прашања за тоа кои сме, поради што сме тоа, од каде доаѓаме, каде одиме, на кого, индивидуално или колективно, му припаѓаме. Одговорите за идентитетот се создаваат преку творечките облици, науката и политиката. И затоа идентитетот не е прашање на чувство, иако идентитетско чувство постои.
Во одговорите се тргнува од филозофскиот пристап кон идентитетот што се изведува од сфаќањето за истоветноста на суштеството со самото себе, и тоа како однос на мислењето и битието, кај Рене Декарт. Затоа, онака, како што и воопшто политичките и правните решенија за идентитетските прашања произлегуваат од нововековните и современите теоретски пристапи, и релевантниот, за идентитетски прашања, пристап, е филозофскиот.
Модерното сфаќање на идентитетот кај Рене Декарт, кој акцентот го става на индивидуалниот идентитет, надополнето е со спротивставувањето на Ж. Ж. Русо на апсолутизмот што се спроведува во име на слободното и еднаквоправно граѓанство. Таквото спротивставувањето се однесува фактички на ставовите на Џ. Лок и Е. Кант за интересниот идентитет на политичката заедница, во име на што, одлучувањето го врши мнозинството, така што генералната волја преовладува над волја на малцинството. Со ваквиот став Ж. Ж. Русо значајно придонесува за демократскиот поредок. Уште повеќе што, веќе, во филозофијата, како неадекватна, се смета Лајбницовата дефиниција за идентитетот „дека две работи се истоветни само ако тие не се разликуваат според какво било својство“. Најзначаен за идентитетот останува Хегеловиот став, дека идентитетот е меѓучовечки и динамичен елемент, постигнат во колективна смисла. Оттаму, многу консеквенции кон определувањето на мноштвото аспекти на идентитетот.
Имено, се надминува дефинитивно дилемата за тоа, прво, дали покрај индивидуалниот (различните индивидуални идентитети) идентитет, постои и колективен. И покрај тоа што, во поновата историја, постои злоупотребата на идентитетот со апсолутизациите што се вршат, претставувајќи го парцијалниот идентитет како социјален, колективен, додека, истовремено, во потрошувачкото општество постојат злоупотребите со индивидуалниот идентитет.
При определувањето на колективниот идентитет постои разликата помеѓу националниот и културниот идентитет. Националниот идентитет ја претпоставува постојаноста на заедницата во однос на заедничкото минато, додека културниот идентитет ја претпоставува културата како процес на промени и размена меѓу актерите. Иако, и за културата е претпоставен социокултурниот простор и има објективна претпоставка во социјалното живеење, чијашто идентификацијата се врши преку различните творечки облици, науката и политиката.
Мошне значајно прашање за индивидуалниот идентитет е дека е резултат на самоидентификација која индивидуата за себе ја постигнува создавајќи свест кај себе за сопствениот идентитетот.
Во овој одлучувачки момент за нас, Македонците, за да се надмине релативизирањето на поврзаноста на идентитетот со нашето име, не само од грчката страна, туку други контроверзии, пресудни се одговорите на прашањата за колективниот идентитет. Во приоѓањето кон разрешувањето на спорот околу нашето име, може да се препознае дека двете страни применуваат два различни теориски пристапа. Од едната страна се користат претпоставките од емпириско-позитивистичкиот приод, наводно пледирајќи само на промена на името на нашата држава. Меѓутоа, токму во рамките на овој приод сфаќањето за националниот идентитет е проблематичен затоа што државата, како најзначаен субјект на политичката заедница, ја изедначува со нацијата. И од тука е сосема јасно дека, со промената на името на државата ја претпоставува промената и на името на нацијата и на јазикот. Од друга страна, македонскиот приод тргнува од природноправниот пристап, кој што е и карактеристичен во нашата севкупна научна и политичка традиција. Ваквиот пристап е и основата за признавањето на посебноста на народите и јазиците, зацртан во сите основни меѓународни акти на ООН и во актите и практиката на Европската заедница, која станувајќи заедница на народите ги претставува различните културни идентитети и нивните самоидентификациски обележја, во кои спаѓа и јазикот. Токму ваквиот приод претпоставува дека ние како луѓе, колку што сме определени индивидуално, истовремено сме определени и со оглед на припадноста на народот, од што произлегуваат и нашите природни права на народен и јазичен идентитет.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



