Металург е првиот ракометен клуб од Македонија, што ќе игра четвртфинале во Лигата на шамопионите, по новата победа над Динамо Минск. Во Скопје, нашиот шампион славеше со 24-22, а подобри бевме и во Минск со 26-23.
Во преполната сала „Борис Трајковски“, гостите изненадувачки беа во предност по првиот дел и по 30 минути на пауза заминаа од еден гол разлика позитива, 12-11. Дарко Станиќ со браворузни одбрани го одржуваше приклучокот, а извонредниот голман од Србија, продолжи во препознатлив стил и го заврши мечот со 15 одбрани. Играч на натпреварот без сомнение. Честопати ја креваше публиката на нозе, а од гледалиштето грмеше „Дарко Станиќ“.
Во вториот дел се разбудија и неговите соиграчи, па Металург водеше и со 4 разлика, што навестуваше пријатни вести и исход, што гарантира пробив во европскиот крем.
Во вторник Металург како прв македонски клуб, ќе биде присутен на извлекувањето на четвртфиналните двојки, во друштво со гигантите Барселона, Фленсбург, Кил и уште неколку силни европски екипи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.