По терористичкиот напад во Гошинце сосема очекувано следуваше нов, синхронизиран напад на државните институции преку опозициските медиуми и „експерти“, кои со разноразни „вистини“ се обидоа да ја посочат власта како организатор на инцидентот. Впрочем, нема никакво сомневање дека Гошинце треба да биде новото Танушевци преку кое ќе се изврши „контролирана дестабилизација“, а потоа водејќи се по сценариото од 2001 година, да очекуваме крвав расплет на кризата.
Но, покрај политичката злоупотреба на терористичкиот чин од страна на опозицијата и нејзините медиуми, дека ќе се избегне 2001 година надеж даваат две работи, кои се општоприфатени од целата јавност.
Прво, дека нападот во Гошинце е режиран и поврзан со актуелната политичка криза во државата со намера да предизвика меѓуетнички судири.
Второ, дека нема никакви реални причини за предизвикување нов конфликт меѓу Македонците и Албанците.
Зошто се овие два факта исклучително важни?
Ако е општоприфатен заклучокот дека нема причини за ново крвопролевање и дека станува збор за нечие сценарио, следното логично прашање на кое треба да побараме одговор е „кој е нарачателот“. Потоа е лесно да се утврди неговата цел. Но, за да се стигне до режисерот прво треба да се фатат актерите од Гошинце.
Додека јавноста чека информации од истрагата и реакција од надлежните институции, опозициските медиуми не чекаа ниту миг за да ја посочат власта како организатор на инцидентот. Пресудата беше донесен експресно, без докази, без логични аргументи и без да се помисли дека таквите тези може да значат долевање масло на огнот. Тоа што падна в очи при организираниот медиумски напад се „флексибилните тези“ на самонаречените професионални новинари и стручњаци, чиишто тези се побиваа една со друга. Така, додека едни повикувајќи се на информации од поранешни членови на УЧК, тврдат дека Ахмети не стои зад униформираната група, туку Груевски (!), други повикувајќи се на разузнавачки информации се фалеа дека однапред знаеле за бројот и за местото каде што престојувала „група воени ветерани на УЧК“. Трети, во обид да заштитат нечии туѓи интереси, излегоа со теза дека „сценариото на власта е аматерско затоа што не е можно да се утврди толку брзо потеклото на напаѓачите“.
Во обидот да ги продадат смешните тези, Соросовите платеници не се воздржуваа во навредите на сите што не мислат како нив, па така ги нарекоа „глупави“ сите што не можеле да видат дека власта стои зад инцидентот. Забавата им ја расипа кој друг, ако не нивниот месија, кој следниот ден излезе со став дека, сепак, едно од можните сценарија е зад нападот на караулата да стојат бандитски радикални групи, кои немаат врска со власта. Сите овие небулозни тврдења за нив се неважни, сѐ додека по нивните медиуми се вртат клучните зборови „власт“, „режирано сценарио“, „криза“.
Другата логика, на која предупредуваа повеќе аналитичари уште од почетокот на фингираната криза е дека свесно се повторува сценариото од 2001 година со намера да се испровоцира воен конфликт, кој ќе доведе до формирање преодна влада, а потоа и до нова марионетска власт што ќе биде под контрола на креаторите на сценариото. За исполнувањето на целите на надворешните центри на моќ неопходна е политичка поддршка однатре, која во моментот ја добиваат преку СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев. Токму затоа инцидентите зад кои стојат платеници беа очекувани исто како и нападите од опозицијата.
Прашањето што се поставува сега е дали државата ќе има капацитет овој пат навреме да го спречи крвавиот расплет. Обврска на институциите е целосно да ги отстранат сите закани за безбедноста и за стабилноста на државата, а доколку не успеат во тоа, одговорноста за повторувањето на 2001 година ќе биде и нивна.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.