| четврток, 6 декември 2018 |

Венгер призна: Жалам што го продадов Фабрегас

Во пресрет на дербито во Премиерлигата меѓу Арсенал и Челси, кое се игра на стадионот „Емирати“, менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, денеска изјави дека жали што го продал најдобриот играч на тимот, Сеск Фабрегас.
Шпанскиот репрезентативец настапуваше за лондонскиот тим од 2003 до 2011 година кога премина во редовите на Барселона за по три години да се врати на островот, но во редовите на лутиот градски ривал Челси.

– Не сакам да зборувам невистини. Сѐ уште се каам што го продадов Фабрегас во 2011 година. Посакувам навивачите да покажат почит кон сите на теренот вклучувајќи го и Фабрегас – изјави Венгер.

Тој спомна дека Алексис Санчез има одлична сезона во тимот на Арсенал и сѐ уште во потесниот круг на играчи кои можат да го добијат признанието за најдобар фудбалер оваа сезона. Венгер додаде дека Алексис е играч кој може да донесе предност во однос на играчите на Челси и да го реши натпреварот.

– Тој е прва сезона во Лондон. Игра на слично ниво како и Азар од Челси и Кутињо од Ливерпул. Се надевам дека ќе остане во трката за играч на сезоната во Премиер лигата – додаде Венгер.

Алексис Санчез минатото лето дојде во редовите на Арсенал од Барселона за сума од 40 милиони фунти и од тогаш за лондонскиот тим во сите натпреварувања постигна 22 гола и запиша 11 асистенции.

Дербито на 34. коло во Премиерлигата се игра в недела, а Венгер сѐ уште верува дека неговиот тим е способен да дојде до титулата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top