Драмски театар има нова хит-претстава. Синоќа беше премиерата на „Чолак“, работена по текстот на Мартин Мекдонах „Приказна за човекот без рака“, а во режија на Синиша Евтимов.
Нема утка кога Евтимов прави претстава. По „Сомнително лице“, „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, „Стјуардеси“, „Не се клади на Енглези“, сигурно е дека и „Чолак“ ќе доживее многу изведби пред полна сала. Евтимов прави претстави кои публиката сака да ги гледа. Кај него во центарот на вниманието е актерската игра, а сѐ друго на сцената е помалку важно. Сценографијата целосно соодветствува со претставата, музиката која ја има на почетокот и на крајот одлично се вклопува во играта на актерите.
„Чолак“ е претстава која Евтимов ја адаптираше за нашата општествена средина, а во неа се говори за хомосексуалноста како табу-тема и односот на нашето општество кон индивидуалната полова определеност. Во оригиналниот текст на Мекдонах акцентот е на расната нетрпеливост која е многу изразена во САД, но Евтимов решил во „Чолак“ да говори за хомосексуалната нетрпливост која е многу поизразена кај нас.
Главниот лик на човекот без рака го толкува Сашо Тасевски. Точно 27 години си ја бара раката кои некои бандити му ја отсекле, а геј-двојката која ја толкува Игор Стојчевски и Филип Трајковиќ сака на брзина да заработи лесни пари, продавајќи му нечија туѓа рака. Рубенс Муратовски го толкува ликот на рецепционерот во хотелот каде што во собата која ја изнајмил Кара (Сашо Тасевски) се одвива дејството.
„Чолак“ е забавна, силна и современа претстава која сигурно долго ќе биде на репертоарот на „Драмски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





