| четврток, 6 декември 2018 |

Одмазда

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Велат одмаздата е најслатка кога се служи ладна. Така е и со една конспиративна информација, што со јавноста ја сподели Дејан Лучиќ, еден од најголемите познавачи на теоријата на заговор во регионов, но и личност со најнеочекувани и најшокантни информации, поврзани со најтајните случувања во областа на вечната борба за предоминација што се води од разузнавачките служби на големите, но и на малите сили во светот.

Еве што информира овој бивш југословенски разузнавач, а денес еден од најчитаните автори во југоисточна Европа. Значи, се работи за она фамозно бомбардирање на кинеската амбасада во Белград од 1999 година за време на воената кампања на НАТО против СРЈ. Тогаш американските бомбардери го погодија кинеското дипломатско претставништво и, разорувајќи го, усмртија четири кинески дипломати, воедно нанесувајќи голема материјална штета. Потоа тие испратија неколку чудни објаснувања за нивната милитрана акција.

Првото објаснување беше дека бомбардерите на НАТО го сториле тоа по грешка, односно дека некој од планерите на акцијата за таа ноќ направил превид и дека американските пилоти не знаеле дека се работи за амбасадата на една од членките на Советот за безбедност во ОН – Народна Република Кина.

Потоа стигна нова експликација од штабот на НАТО, во која кинеската амбасада беше обвинета дека се ставила активно на страната на војската на СРЈ и дека токму во овој дипломатски комплекс биле поставени некои телекомуникациски, но и радарски системи со кои се лоцирале авионите на НАТО.

На тој начин таа градба станала легитимна цел на американските бомбардери.

Потоа Американците покажаа голема агресивност и цинизам и во потконтекстот искажаа еден вид перверзно задоволство што им го покажале местото на Кинезите во глобалните геостратегиски игри или, ако сакате, им покажале кој е газда.

Кина во тие моменти немаше избор, ниту, пак, начин како да им парира на самобендисаните воинствени Американци, па сето тоа го проголта со мандаринска смиреност.

Но, големата држава на истокот која со секоја година што изминуваше стануваше сè посилна и на економски и на политички план, држава со традиција од 4000 години цивилизација, не би била тоа, кога така лесно би ги голтала навредите и агресијата на другите врз нејзините луѓе и достоинство.

Така тајните служби на Кина подготвиле план за одмазда и го замрзнале во своите архиви на неодредено време.

Поминаа 10 години од овој напад врз кинеската амбасада во Белград и тајната служба на Кина го активирала својот одмазднички план.

Имено, кинеските агенти во САД ги откриле главните планери на овој напад и испратиле група атентатори, кои ги начекале овие високи американски офицери пред вратите на нивните куќи и со жестоки удари со чекани по главите, ги усмртиле сите четири со синхрона акција во исто време, кога овие излегувале од дома за да отидат на работа.

Зошто токму со чекани, а не со пиштоли со пригушувачи, или, пак со сабји или ками? Тоа е вистинското прашање кое се однесува на начинот на ликвидацијата која, очигледно, содржи извесен симболички контекст земајќи го предвид ритуалот со кој се усмртени жртвите.

Овие чекани со кои им биле искршени черепите на американските офицери сугерираат на авторство и во себе ја носат страшната порака до нивните колеги, повеќе да не си поигруваат со достоинството на моќната држава. Чеканот е, исто така, симбол на работниците, на пролетерите, како што е српот симбол на селаните. Заедно споени, чеканот и српот, се симбол на комунистичкото владеење, а, како што знаеме, Кина е држава со монопартиски систем на чело со комунистичката партија.

Значи, кршењето на главите на овие високи американски офицери е суров поздрав – одмазда од кинеската работничка класа, чиешто претставништво во Белград било сурово бомбардирано од страната на НАТО, без предупредување или објава на војна.

Денес, по повеќе од 10 години, во кои Народна Република Кина континуирано напредува и веќе ја надмина САД во економијата, станувајќи на овој план земја број еден во светот, ретко кој, претпоставувам, дека би се дрзнал да ѝ дели лекции, мешајќи се во нејзините економско-политички афери. Но, сепак, нештата не стојат баш така.

Имено, еве го шефот на македонската опозиција, кој со стравотен разурнувачки жар остро напаѓа врз кинескиот интерес во нашата татковина објавувајќи тајни телефонски разговори, поврзани со кинеските инвестиции во македонската патна инфраструктура.

Но, како што рековме, Кинезите ја консумираат одмаздата од фрижидери со длабоко замрзнување.

Можеби овој Туларем на македонското револуционерно подземје не ја сфаќа целата сериозност на играта во која влегол, влечен за нос од неговите налогодавци. Веројатно исто онака како што тоа било направено и со планерите на бомбардирањето на кинеската амбасада во Белград, во таа, безмалку апокалиптична, 1999 година. И тоа не е сѐ.

Овој Туларем, бесен и недоветен во своите политички амбиции, удри и по сигурноста на израелската држава, откривајќи го идентитетот на еден од тајните агенти на Мосад.

Можеби ова е, исто така, направено со предумисла од страна на недоветниот претендент на власта по секоја цена.

Имено, неговите страсни флертови со исламистичката телевизија од Катар, „Ал Џазира“ (на српски – „Како само свири џез!“) открива силно сојузништво на овој Туларем, обземен од зајачкото лудило и муџахединскиот поглед на светот кој е секогаш вперен против еврејската држава, која, пак, од своја страна е во перманентна војна со муслиманите од Блискиот Исток откако е конституирана во 1948 година.

Оваа војна понекогаш добива на интензитет, а понекогаш нејзината сила се намалува, но конфликтот е константен.

А израелската држава не простува вакви удари, вперени против нејзината сигурност. Инаку, како би се одржала во живот толку време.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top