| четврток, 6 декември 2018 |

Околу 700 емигранти од Либија настрадаа во Средоземното Море (видео)

Околу 700 имигранти најверојатно се удавиле откако риболовен чамец се преврте во Средоземното Море крај брегот на Либија вчера.

Потврдена беше смртта на 24 лица. Според податоците на италијанските власти на бродот имало меѓу 500 и 700 лица, а инцидентот се случил на околу 200 километри јужно од островот Лампедуза.

Сигналот за катастрофата бил поднесен во саботата навечер. Се смета дека долгиот 20 метри брод почнал да тоне, по што загубил рамнотежа и се превртел, бидејќи имигрантите се префрлиле од едната страна поради приближувањето на португалскиот трговски брод. Тие се надевале дека ќе бидат спасени на него.

28 лица успеале да се качат на бродот, но тогаш настанала трагедијата. Еден од преживеаните изјавил дека на бродот имало барем 700 луѓе.

MAIN-Lampedusa

Италијанската крајбрежна стража веднаш ja почнала големата спасувачка операција, во која учествувале и авиони, воени и трговски бродови. Бројни тела биле пронајдени на либискиот брег за време на акцијата. Се претпоставува дека другите патници загинале.

„Во моментов стравувањата се дека сме соочени со трагедија од огромни размери“, изјавил портпаролот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН Карлос Сами.

„Постојат дамки од гориво, парчиња дрво и спасувачки елеци во водата“, изјавил генералот Антонио Ирасо од италијанската крајбрежна стража. Од службата првично изјавија дека операцијата се уште е концентрирана врз потрага и спасување, но со текот на времето таа ќе се претвори во операција за откривање на тела.

Ако бројот на жртвите се потврди, тоа ќе биде една од најголемите трагедии во долгогодишната имигрантска криза на јужниот Медитеран.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top