Македонија не е веќе проблем за Европската унија во однос на лажните баратели на азил во земјите-членки на Унијата. Ова може да се заклучи од најновиот статистички податок на канцеларијата за статистика на ЕУ, Евростат, за вкупниот број на баратели на азил во Унијата и земјите од кои доаѓаат, каде што Македонија воопшто не фигурира. Ова е потврда на делотворните мерки кои ги превзема македонското МВР, што за само една година придонесе Македонците повеќе да не се сметаат за опасност за ЕУ, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Вкуно 331.975 лица лани побарале азил во земјите што се дел од ЕУ, каде први на листата се жители на Авганистан (26.250), по нив се државјани на Сирија (23.510) и трети се Русите (23.36). Најголем број на поднесени апликации има во Германија, каде 77.540 лица поднеле барање за азил, при што први на листата се државјани на Србија кои ги има 12.810 на број, а потоа следат Сиријци (7.930) и Авганистанци (7.840). Франција е втора со добиени 60.560 барања за азил, од кои најмногу се Руси (5.930), па државјани на ДР Конго (5.500) и жители на Шри Ланка (3.825). Трета на листата земји-членки на Европската унија со најголем број на поднесени апликации за азил е Шведска, каде тоа го сториле 43.865 лица, при што на првите три места се државјани на Сирија, Сомалија и Авганистан.
Според податоците на Евростат, во 2012 година се регистрирани 332.000 барања за азил во 27-те земји-членки на Европската унија. Дури 90 отсто од овие апликанти биле нови лица, односно луѓе што за првпат побарале азил, додека само 10 отсто се кандидати што се повторуваат. Во 2011 година, пак, имале 302.000 баратели на азил во ЕУ.
Според канцеларијата за статистика на Европската унија, најголем број на апликации се поднесени во Германија (77.500 или 23% од целокупниот број), потоа следи Франција (28.100 или 18%), па Шведска (43.900 или 13%), Велика Британија и Белгија со идентични 28.200 барања или осум проценти од вкупниот број. Според Евростат, овие пет земји добиле над 70 отсто од вкупниот број на барања за добивање на азилантски статус во Унијата во текот на минатата година.
Германија има одобрено азил и на најголем број апликанти, вкупно 17.140 лица го добиле овој статус од донесените одлуки по однос на 58.645 барања. Но, процентуално, Шведска предничи во однос на позитивните одлуки, со оглед на тоа што од вкупно 43.865 барања, шведските власти одлучиле по однос на 31.520 и одобриле азилантски статус на 12.400 лица.

Споредено со популацијата на секоја земја-членка на ЕУ, највисок процент на барања азил е забележано во Малта (5.000 барања на милион жители), потоа следуваат Шведска (4.600), Луксембург (3.900), Белгија (2.500) и Австрија (2.100), додека најнисокк прсек имаат Португалија (30 барања на милион жители), Естонија и Шпанија (по 55 барања) и Чешка (70).
Во некои земји-членки на Унијата голем дел од апликантите доаѓаат од една земја, па така во Малта над 60 проценти од барателите на азил се од Сомалија, во Полска 57% азиланти се од Русија, Летонија (51% од Грузија), Литванија (48% од Грузија), Естонија (45% од Грузија) и Унгарија (41% од Авганистан).
Инаку, минатата година во ЕУ дури 73 отсто од барањата за азил биле одбиени на прва инстанца, на 14 проценти од апликантите им бил доделен статус на бегалец, на 10 проценти им била доделена супсидијарна заштита, додека само на два проценти од барателите им било дозволен престој поради хуманитарни причини. Од Евростат напоменуваат дека одлуките донесени на прва инстанца во 2012 година, можеби се однесувале на апликациите регистрирани претходните години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


