Изблиците на одушевување кај опозициските медиуми дека, конечно, доаѓа помош од надвор за Заев преку некаква „претходница на дипломатски булдожери“ е показател дека лидерот на опозицијата очајно се моли да го спасат тие што го убедиле да биде дел од нивното сценарио, но и дека надворешните центри на моќ стануваат сѐ понервозни поради неуспехот на првичното сценарио за уривање на власта.
Според информациите на медиумите под контрола на Заев, кои повторно се темелат на „тврдења на анонимни дипломати“, наводно, американски дипломати ќе испорачале пакет подготвен од Вашингтон, кој содржел „барање за оставки на компромитираните државни функционери, формирање преодна влада со широка политичка основа, затворање на отворените кривични случаи со општа амнестија и прекин на кампањата на објавување аудиоснимки од илегалните прислушувања“.
Кои се дипломатите што информирале за вакво нешто, не знаеме, но очигледно дека имаат многу блиски ставови со Заев со оглед на тоа дека во пакетот е наведено сѐ што во моментов посакуваат лидерот на опозицијата и неговите најблиски соработници. Но, имајќи предвид дека се ближи почетокот на судскиот процес за „Пуч“, а со тоа времето за реализирање на сценариото беспоштедно се троши, што никако не е во прилог на странските соработници на Заев, логично е да се очекуваат и некакви засилени притисоци од надворешните центри на моќ кон властите во државата.
Се разбира, не може да се добие потврда на овие шпекулации затоа што станува збор за „анонимни извори“, но дури и да е вистина сѐ од наведеното, Заев нема право да се надева на уште една амнестија поради овие причини:
Ако биде договорена преодна влада, тоа ќе предизвика трајни последици врз функционирањето на државата во наредните децении. Прво ќе се погази волјата на мнозинството граѓани, а потоа ќе се остави можност за секоја идна опозиција да го примени сценариото на Заев (како што е примерот во Албанија) за постојано да се блокираат институциите за сешто.
За општа амнестија не може да стане ниту збор затоа што судот има обврска да донесе пресуда врз основа на обезбедените докази, а во исто време македонските граѓани, кои се најголема жртва на сето ова што се случува во државата во последните два и пол месеца, имаат право да ја дознаат целата вистина вклучувајќи ги и имињата на странските соработници на Заев. Каква било амнестија би предизвикала катастрофални последици по безбедноста на државата од најмалку две причини. Како прво, во иднина секој граѓанин во државата би се повикал на правото што сега би го искористил Заев и би си дозволил да соработува со странски служби за насилно уривање на власта, нелегално да прислушува и јавно да презентира противзаконски добиени снимки. Второ, во случај на амнестија никогаш нема да се дознае кои центри на моќ стојат зад сценариото што го спроведува Заев. Со тоа не само што ќе ѝ се ускрати правото на јавноста да ги дознае тие информации, туку и ќе се дозволи во иднина да продолжи лицитирањето со имињата на амбасадори, разузнавачки служби и странски влади, како можни соработници на Заев, со што од една страна би се оставило простор за натамошно закрвување меѓу македонските граѓани, а од друга страна ќе придонесе за влошување на односите со тие земји.
Барањето за оставки на компромитираните функционери, споменато во евентуалниот „пакет“, е уште една причина за случајот да добие судска разрешница со оглед на тоа дека нивната вина мора прво да биде институционално потврдена преку експертска анализа на снимките. Во спротивно, одговорноста ќе се сведе на политичко пазарење.
И барањето за „прекинување на кампањата на објавување аудиоснимки од илегалните прислушувања“, кое навидум треба да биде рамнотежата во пакетот, всушност му оди в прилог на Заев. Прво затоа што ќе го искористи моментот за пазарење со ДУИ за која, иако најави, досега не објави ниту една бомба, а како второ, ќе го спаси од натамошно дополнително вршење кривични дела.
Интересно е што во евентуалниот пакет нема предлог-решение за архивата на Заев. Дали снимките ќе останат кај него или ќе се вратат на нарачателите? Кој ќе утврди дали одредени разговори завршиле во раце на негови сопартијци или, пак, на сосема трети лица, кои во иднина ќе ги искористат за уценување на прислушуваните или за други криминални дејства?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.