Вчера вечер во МКЦ, Кино Фросина се оддржа концертната промоција на ,,Флека”, новиот бенд на Тони Зен составен од 11 врвни македонски музичари.
„Флека“ ја сочинуваат Тони Зен – вокал, Сиги – вокал, Нино Васков – вокал и гитара, Борче Кузмановски – клавијатури, Благоја Антовски – тапани, Гоги Полизов – бас, Анета и Гена Качуркова – придружни вокали, Александар Николовски – труба, Борислав Веселинов – саксофон, Филип Стевановски – тромбон, а продукцијата која што стои позади овој проект е „Стерео Рекордс“.
Фанк, џез, соул, блуз и хип-хоп е музичкиот правец на оваа група која ќе започне да ја пишува новата приказна со врвни музички перформанси и хитови. На концертната промоција, во живо се изведуваа некои од најпопуларните хитови од претходниот албум на Тони Зен, „Микро Скопски Организам“, но во поинаков стил и правец, со примеси на фанк, џез, блуз, реге и соул елементи.
– Ова е нашата пресс конференција, ова е нашата концертна промоција на овој бенд составен од 11 музичари. Нов звук во градот, нова квалитетна музика која ја правиме од срце. Верувам дека ова е почеток на нешто ново и поразлично. Го правиме она што најдобро знаеме и умееме, а тоа е да сме на сцена, помеѓу нашата публика, да настапуваме, свириме, музицираме и снимаме нова музика. Ви благодарам на сите Вие кои сте вечерва тука со нас, Ви благодарам што одвоивте време да дојдете и видите што е тоа што ние го правиме – изјави Тони Зен.
Многу пријатели, новинари, гости и најблиски соработници беа дел од синоќешната концертна промоција на ,,Флека”. Помеѓу пристутните можеа да се забележат Каролина, Дани, Слаткар и Сања, Валентино Скендеровски, Мерт, Милена Антовска, Марина Стојановска, Владимир Митревски- Ѓуле, дел од членовите на Токсикологија кои несебично ја дадоа поддршката за оваа нова музичка група, освежување на сцената кое беше повеќе од потребно.
Од ,,Флека” најавуваат синглови, нови хитови и албум. Сето она кое публиката ќе има можност да го слушне од нив е производ на долгогодишно искуство и правење на музика со љубов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.