Проектот под наслов „Во прво лице“, во чиишто рамки ќе бидат претставени 22 современи македонски уметници, ќе биде презентиран вечерва во НУ Национална галерија на Македонија, објект Мала станица.
Иако како појдовен момент се чувствуваат референци на автопортретот во неговата класична смисла, наспроти појдовниот романтичен мит за Нарцис и психоаналитичкото толкување за појавноста и опсесивноста кон сопствениот лик, делата претставени на изложбата „Во прво лице“ се однесуваат на поинаква ангажирана појавност на авторот во сопствените дела.
Ова иницијално истражување на едно своевидно современо автопортретирање презентира дел од авторите кои во различни медиуми го опфаќаат третманот на себеприкажувањето во делата на современите македонски уметници, особено помладата генерација автори.
Генерациската припадност и изборот на делата создавани од втората половина на 90-тите години на 20-от век и особено 21-от век, говорат за различните творечки стимулации и медиуми како илустрација на случувањата во контекст на, пред се, македонската општествената реалност во изминативе речиси 20 години.
На изложбата ќе се претстават македонските уметници: Методи Ангелов, Јован Балов, Атанас Ботев, Гордана Вренцоска, Горанчо Ѓорѓиевски, Велимир Жерновски, Јана Јакимовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски, Ѓорѓе Јовановиќ, Верица Ковачевска, Љубомир Милошески, Ангел Миов, Моника Мотеска, ОПА, Ирена Паскали, Зоран Попоски, Нада Прља, Игор Сековски, Александар Спасоски, Дијана Томиќ Радевска и Микица Трујкановиќ.
Изложбата ќе биде отворена вечерва, 17-ти април, во 20 часот, а кустос е Маја Чанкуловска-Михајловска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.