Челниците на фудбалската федерација најавија санкции за Шкупи по вчерашниот инцидент на меч од младинскиот куп на Македонија.
Нападнати беа вардаровите младинци од навивачите на клубот од Чаир, но во атакот учествуваа и дел од фудбалерите на Шкупи. Со соопштение до јавноста реагираа од ФФМ, најавувајќи казни.
Еве го во интегрална форма соопштението на ФФМ:
Фудбалската федерација на Македонија се чувствува повикана да реагира со соопштение по повод инцидентите по завршувањето на реванш натпреварот од полуфиналето во младинскиот Куп на Македонија меѓу екипите на ФК „Шкупи 1927“ и ФК „Вардар“.
Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува секој облик на насилство на фудбалските терени и ќе продолжи да се бори против хулиганизмот со сите средства кои ги има на располагање. Како одговорно фудбалско тело во државата никогаш нема да се согласи со говорот на омраза, нетрпеливост, вулгарните навреди и секој облик на насилство без било каква основа на сметка на поединци или структура на било кој фудбалски клуб.
Комисијата за младински фудбал свика вонредна седница на која ќе се решава за суспензија на теренот на ФК „Шкупи 1927“ и клубот ќе се предаде на дисциплинска комисија поради слаба организација на натпреварот одигран на 15. април 2015 година. По комплетирање на документацијата и добиените изјави од службените лица на натпреварот (контролор /делегат, судиска тројка, претставници на двата клуба и дел од фудбалерите), Дисциплинската комисија на ФФМ ќе покрене постапка против сите учесници во инцидентот.
Фудбалската федерација на Македонија работи и постапува во согласност со правилниците усогласени со УЕФА и ФИФА и се однесуваат и применуваат еднакво кон сите учесници во фудбалската игра во Македонија во најширока смисла на зборот.
Натпреварувачката, Дисциплинската и Комисијата за статут и правилници на ФФМ работат и постапуваат по пријава на официјални лица на секој од натпреварите и мерките ги изрекуваат во согласност со дисциплинскиот и правилникот за натпреварување на ФФМ кои што се објавени во службеното гласило – Макфудбал.
Како и досега, повикуваме на разум, трезвеност и коректност во процесот на решавање на проблемите. Фудбалската федерација на Македонија преку своите тела и органи е единственото легитимно место каде што може да се креираат и водат службените политики и чиј одлуки можат да предизвикаат соодветни промени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.