| четврток, 6 декември 2018 |

Европа може да ѝ помогне на Македонија… демократските принципи на тест

д-р Бона Лазар Бајрактарова

д-р Бона Лазар Бајрактарова, универзитетски професор

Европа може да ѝ помогне на Македонија! Само треба да се придржува на постулатите на кои почива! На принципите практикувани во државите што се нејзини членки.

Во Република Македонија се зборува за политичка криза (?!) – при целосно функционирање на државата, при тековна реализација на сите предвидени проекти од изборната владина програма, поддржана од мнозинството граѓани.

Во голема криза, веќе подолг период, всушност, се наоѓа најголемата опозициска партија во државата – СДСМ. За стратегиски создадената политичка криза – поточно, политичка состојба создадена и одржувана преку аудиосадизам, со нелегитимно отсуството од парламентот (ама сè на платниот список!), Социјалдемократскиот сојуз решението го бара надвор, во „меѓународната заедница”?! Во Европа, која треба да ѝ помогне да ги реализира своите планови – да се вклучи во власта на нелегален начин!

Се чудат „советниците“ на СДСМ (луѓе што заговараат преодна влада, те влада на голема/широка коалиција, некаков нов систем на раководење на државата – компатибилен со нивните лични интереси) зошто народот не реагира (според нивните очекувања?) на тоа што го прави опозицијата!

А, не можат да разберат поради тоа што не размислуваат како народот! Затоа што работите ги гледаат само од личен, лукративен аспект. На народот мислат само на денот на изборите – кога им требаат неговите гласови.

За да не наседнат на реторичките манипулации на СДСМ, европските дипломати мора да го земат предвид однесувањето на овој политички субјект во Македонија од самиот почеток на осамостојувањето на државата! Можеби и нешто пред тоа. Да се уверат дека дејствувањето според принципот – создавање усови за нелегитимно преземање или учество во власта, е – специјалност на СДСМ! Нивни начин* на дејствување на политичката сцена! Без платформа, со реторички фикции (ќе ја врателе демократијата, а не знаат да ја практикуваат) и со предизвикување предвремени* избори (преку разновидни притисоци), кои освен сопирање на развојните процеси во земјата, чинат и финансиски; не мал товар за земја како Македонија!

* Од вкупно oсум парламентарни избори во Македонија (1990-2014) три се предвремени поради притисок и условувања од СДСМ. Во 2014 година учеството на локалните избори го условија со предвремени парламентарни избори. Не се појавија на свечената, прва седница на предавање на сертификатите на избраните членови на парламентот; ja бојкотираа инаугурацијата на претседателот Иванов! Од 2006 година, до последните избори во 2014 година, СДСМ изборите ги губи со голема, убедлива разлика: со 86.109 во 2006 година, 248.217 во 2008 година, 69.684 во 2011 година и 197.660 гласови разлика во корист на ВМРО-ДПМНЕ, во 2014 година.

 

Со инсистирањето на СДСМ за вклучување на Европа во „решавањето“ на политичката криза предизвикана од нивните испланирани дејства (отсуство од парламентот, аудиовоајерски активности на ниво на државата, организирање на разни антивладини и антидржавни „пленумски активности“, поттикнување студентски и средношколски незадоволства – апсурден „бунт“ против потребата за совладување на образовните пречки и здобивање знаења?!), всушност покажаа дека немаат доволен (државнички) капацитет и сили за нормално, демократско (и инвентивно) политичко дејствување, кое би им донело победа на редовни парламентарни избори; на легален и легитимен начин да ја освојат довербата на народот! Поради тоа, не се сериозен политички субјект, кој мисли на државата, кој има визија (не реторички – како до сега) за нејзината иднина!

Опасен преседан е, во една држава, опозиција што ги загубила изборите со огромнa разлика (во 2014 година ВМРО-ДПМНЕ однесе победа над опозициската СДСМ со разлика од 200.000 гласови), по речиси една година, преку разновидни нелегални дејства, манипулации – да го вознемирува целото општество, да ја загрозува иднината на државата!

Досегашното однесување на високи европски претставници покажа дека не наседн(уваат)аа на жалбите на опозицијата! Дадоа јасно до знаење како треба да се однесува демократски настроена опозиција (се одржа дводневна Конференција за политичка култура, во Брисел), кое, и каде е местото на нејзиното политичко дејствување. Укажаа на потребата од демократско однесување на сите политички субјекти во државата, а до опозицијата – дека за политичките и за секакви други прашања (во едно цивилизирано општество) се расправа во Собранието (на РМ), како обврска и почит кон сопственото избирачко тело.

Нормално е (во која било држава во светот) опозицијата да не биде задоволна од својот (опозициски) статус, но тоа не е причина за нејзино нелегално вклучување во власта! Таков приод при посредништвото не се очекува од ЕУ! Верувам, не би си дозволила инсталирање преседан со трајни последици – непоправлива штета врз демократските процеси во државите! Европа не би ја игнорирала изборната волја на македонските граѓани, на мнозинството. Брисел – досега тоа јасно го покажа и, верувам, ќе опстои на тоа. Политички дијалог што ќе опфати многу прашања од интерес за опозицијата е прифатлив, но не и ултимативен услов – преодна влада!

Опозицијата ја погодува широката опфатност на државата со проектите на актуелната влада, во сите сегменти на општеството. Но, секогаш има полиња за докажување на способните и инвентивни политичари! Во Македонија последнава деценија е направено многу, но има уште многу да се прави! Меѓу другото, да се работи на менталната трансформација! Да се сфати дека е потребно многу работа и голема одговорност.

Кога е во прашање Македонија, неопходен е компаративен пристап при создавањето оцената за државата! Компарацијата на економските, социјални, културни, енергетски, инфраструктурни параметри… може да ги покаже реформските промени и резултати на Македонија. Да се види реално, со показатели – каде била (во 2006 година беше оценувана како прилично заостаната земја, општество), а каде е денес (2015)! Претрпи темелна трансформација: oд решавање основни проблеми/потреби за нормално живеење на граѓаните (работи што требало одамна да бидат завршени), до изградба на булевари, автопатишта, аеродроми и многу други работи што една држава ја прават цивилизирана. (Впрочем, напредокот на Македонија во клучните реформски области го потврд(ува)и и Европската комисија, која на Советот шести пат по ред му препорача отворање на преговорите за приклучување). Коректната оцена за состојбата во Македонија е од интерес за земјата, но и за самата ЕУ.

Политички кризи има(ло) и во други европски земји, некои од нив и нејзини членки, но никаде не е интервенирано од Унијата во правец на негирање на постојната влада! Немало потреба; опозиционерите – ја знаат границата на пристојното, конструктивно опозициско дејствување!

Нема пример во кој опозицијата барала нелегално „влегување“ во легално избрана влада; најмалку преку реторичко насилство и клевети за државата. (Негативните приказни за демократијата, медиумски мрак во Македонија е опозициска манипулација со лукративна заднина; има доволно медиуми и портали, и позициски и опозициски; можност за информирање од двата извора и градење став за состојбите во државата). ВМРО-ДПМНЕ не смее да прифати (под ничиј притисок) договор со СДСМ, кој освен разговор/договор за општите прашања (четири од нивните ултимативни барања?!) би вклучувал преодна, техничка, експертска или како и да сакаат да ја наречат изнудената „влада“! Не смее да ги изневери своите гласачи!

Европа треба да ѝ подаде рака на Република Македонија! Врз основа на објективните достигнувања, да ѝ даде можност да ги почне преговорите за членство за да продолжи успешно да ги спроведува европските вредности!

Европските постулати, во моментов, се на тест во Република Македонија. Преку ставовите што ќе ги заземе во однос на случувањата во земјава, Европа (европското водство) ќе покаже дали стои зад принципите – демократските, на кои ја заснова својата политика – почитување на волјата на народот!

На таков начин, Европа, ќе ѝ помогне на Македонија!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top