„Хазарски речник“ на Миодраг Павиќ, роман-лексикон од 100.000 зборови, дело со чудесна структура и имагинација, говори за судбината на Хазарите, воинствен, номадски народ, кој својот зенит ќе го доживее од 7 до 10 век, а го населувал просторот меѓу двете мориња, Касписко Море и Црно Море. Од историската сцена Хазарите ќе исчезнат во 970 година, под наездата на рускиот кнез Свјатослав. На распадот ќе му претходи промена на верата — не се знае која — во една од тогашните, а и сега познати вероисповеди: христијанска, хебрејска и исламска. Приказната за принцезата Атех и за нејзините „Ловци на соништа“, која ги освои срцата на читателите низ светот, ни ги претставува Хазарите како народ што имал своја музичка азбука на бои, поточно боите им претставувале ноти, а тие знаеле точно да пеат гледајќи слики, гледајќи ги боите на природата, фантастичен спој на музика и на сликарство, така што воопшто не ми е јасно како овој феномен не го продолжил и негувал човекот како цивилизациски дострел. Нивните архитекти граделе објекти покрај реките, така што кога ќе дувнел посилен ветер градбите создавале мелодија, а архитектите се бореле за најдобра песна секоја година — „Евровизија“ во седмиот век, со музичари архитекти.
Централниот настан во оваа полошка, сега полна со фантазија и митолошка, е хазарската полемика. Имено, древната хроника говори дека хазарскиот владетел — каганот, сонил сон, кој побарал да му биде протолкуван од три филозофа од различна провиниенција. Тоа било многу значајно бидејќи каганот решил да ја прими верата на тој мудрец, чиешто толкување најмногу ќе му се допадне. Така, во резиденцијата на каганот се нашле еден рабин, еден дервиш и еден монах. Монахот не бил никој друг, туку мудриот христијански мисионер, учениот свети Кирил, кој веќе имал мисионерско искуство кај Словените. Различни извори различно го опишуваат текот на хазарската полемика. Христијанските извори тврдат дека Кирил со своите беседи го импресионирал каганот и тој го примил христијанството. Исламските извори, пак, победата му ја припишуваат на дервишот, кој бил најубедлив во толкувањата на сликата на триаголната хазарска пара, па така, каганот се приклонил на исламот. Најпосле, хебрејските извори тврдат дека каганот го избрал јудаизмот бидејќи рабинот најуспешно го протолкувал сонот на владетелот.
Така, овој настан на кагановиот двор бидува согледан од три верски аспекти — три полемики и три различни резултата. Тука и сликата за Хазарите се губи во лавиринтот на различните толкувања на вистината. Така, се создаваат три менталитета,три култури,три религии и три политики. Приказната за Хазарите и нејзиниот крај не е една и конечна. Суштината на приказната е во тоа како се пишува историјата и како се создаваат национални митови.
Историјата е таква како што ја гледаме, па така и нејзината суштина е релативна и отворена за нови толкувања. Како и да е, Хазарите денес се мистична, митолошка категорија, можеби единствено жива во соништата каде што се чува споменот на принцезата Атех ина нејзините „Ловци на соништа“.
(објавено во 22. број на неделникот „Република“, 1.02.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.