Скопје планира да влезе во клубот на градови со стокатници. Нашиот главен град, покрај белезите што го одликуваат од памтивек, ќе се здобие и со кули-близначки! Приматот на највисоко здание сега го има МРТ. Своевремено, во далечните седумдесетти години на минатиот век, кога неговата изградба била во фаза на планирање и прибирање пари за реализација, тогашниот премиер, односно претседател на извршниот совет, бил конкретен: Додајте уште некој кат за да може РТВ да се гледа уште од далеку, кога ќе се влегува во Скопје.
Што ли му стана на овој народ што запнал да оди во височина. Не баре овде живее некакво џуџесто племе со комплекс на нискост и на приземност, а не строен и убав народ, на кој му недостига, можеби, сѐ, но најмалку близина до небото и до облаците. Скопските помлади поколенија, претставени со разни урбанисти, планери, архитекти, во секој случај визионери, ќе да го подзаборавиле стравот на своите родители, дедовци, баби од подмолното татнење и нишањето, кои ги блокираат сетилата, го запираат здивот, ги враќаат сеќавањата на подмолното 26 јулско утро од пред речиси половина век.
А, речиси во предвечерјето на 1963 година, во западниот дел на градот никнеше населба, Карпош – прво 1, а потоа Карпош 2. Тоа за нас беше неимарски потфат каков што немавме видено, барем повеќето од нас. За дигалките и крановите и да не ви кажувам. На Партизанска, карши инженерските куќи кај „Мали одмор“ никна кула во која живееја подоцна, главно, офицери, а зад неа на стотина-двесте метри накај золошка, уште една. Кога ќе погледневме нагоре нѐ фаќаше несвестица. Ако не нѐ видеше чуварот, знаевме да се пентраме сѐ до горе, по скалите изнашлапани со малтер и со шут.
Крановите што се движеа по шини ни беа од голема помош при изработката на шилести и долгнавести орудија во вид на врвови на стрелите и ношчиња. Нека не ве чуди! Долгите шајки што ги имаше во изобилство ги стававме на шините за кога ќе поминеше тешкиот кран врз нив да станат плоскати парчиња од железо, што на најразлични начини ги остревме за да добиеме производи за нашите индијански стрели, копја и ноженца. Измислените војни каубојци – Индијанци во третиот дел на паркот и по островите на Вардар на Руска плажа можеа да почнат.
Поминуваа години. Скопје распиша меѓународен конкурс за изградба и за обнова. Се восхитувавме на макетите на Кензо Танге и на Адолф Циборовски, но и на други знајни и незнајни архитекти
и урбанисти со визии како треба да изгледа ранетиот град. Полека осознававме дека ќе оди во височина. И отиде – Градски sид, Капиштец, подоцна Аеродром. Светските искуства се применуваат во градот што и ден денес го нема добиено својот конечен лик. Можеби му недостигаат и стокатници, којзнае?
(објавено во 19. број на неделникот „Република“, 11.1.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.