| четврток, 6 декември 2018 |

Каков било развој на настаните околу гасификацијата ѝ оди во прилог на Македонија

песевски

-Во нашата стратегија во делот на гасификацијата, системот е така предвиден да каков било развој на настаните ќе и оди во прилог на Македонија – рече денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, одговорајќи на новинарски прашања во врска со „Турски тек“.

За Македонија се важни, напомена, економските вредности од таа активност.

– Ние сме подготвени да служиме како земја низ која би транзитирал гасот, но и како земја која ќе работи на развивање на својата инфраструктура. Тоа што е предложено е комплементарно со нашите стратегии, но останува да видиме какви ќе бидат глобалните развои на ова поле кои се турбулентни во последно време – нагласи Пешевски по седницата на националниот совет за претприемништво и конкурентност.

Пешевски истакна дека платформата беше разгледана од Владата.

– Во оваа фаза се работи за политичка волја – дали земјите ќе соработуваат на ова поле. Според изјавите по вчерашниот министерски состанок за енергетска стабилност во Будимпешта, не беше конкретизиран ниту еден проект – посочи вицепремиерот.

Во врска со мерките што ги најави Владата по различни основи, за таблетите,  зголемената плата на полицијата и поголемата социјална помош, веќе, рече, се разговара, а средствата ќе бидат обезбедени во рамки на буџетот.

– Прашањето од кои ставки ќе бидат исплатени и дали за тоа ќе биде потребен ребаланс е најсоодветно за Министерството за финансии кое ги прави конечните анализи. Доколку има потреба од ребаланс, Министерството ќе оцени и ќе ја информира Владата. Но, засега таква активност не е планирана – информира Пешевски.

Според него, процесот на вработувањето на хонорарците сѐ уште трае. – Надмината е цифрата од 3.000. Се движеше меѓу 3.000 – 4.000 поднесени барања, но поднесено барање не значи и одобрено. Треба да се види дали се испочитувани потребните законски предуслови. Кај некои институции имаше определени тешкотии во прибирањето на документацијата и можеби затоа овозможивме законска измена за пролонгирање на рокот. Конечната бројка веројатно ќе биде како што најавивме, меѓу 3.000 и 4.000 – подвлече вицепремиерот Владимир Пешевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top