Средбата во Брисел не донесе никакви резултати, единствен успех е договорот за уште една по Велигден. Или така барем е официјалниот став на сите три вклучени страни. Го контактиравме Илија Димовски, член на „тројката“ на ВМРО-ДПМНЕ, кој ни изјави дека во рамки на договореното, одговорите треба да ги очекуваме само од Иво Вајгл и од европратеничката тројка. Токму Вајгл, Кукан и Ховит го пуштија единственото и штуро соопштение за средбата. СДСМ, исто така, не сака да коментира, но неговиот потпретседател се загуби во преводот и во адресата, па во изјава новинарите ги упати во Европската комисија, а не во Европскиот парламент. Постбриселската конфузија во партијата не се забележи само кај него. Истиот ден, утредента по преговорите, нивните жестоки поддржувачи уште од рано изутрина почнаа со најави за нова „бомба“, а барем досега, овие извори не згрешија. „Пуштањето муабет“ по социјалните мрежи, порано беше по чаршијата, одамна е препознатливо социјалдемократско стилско средство на анимација на јавноста. Но, очигледно, за сѐ имало првпат. Втората „грешка“ беше уште подрастична и можеше да се види од авион. Една „независна“ агенција објави, а сите десетици медиуми од „Фабрика 2“ во истиот момент ја пренесоа информацијата дека СДСМ ќе оди со серија „бомби“ низ градовите на Македонија, почнувајќи од 2 април, со прес-конференции во Куманово, Битола, Прилеп. Сите со точен датум. Ги демантираше сопствената партија… Образложението беше – погрешно информирање?! Така, сите овие медиуми со фабричка грешка во себе, молчешкум си ги повлекоа професионалните текстови со бомбастични најави, извичници во насловите и, најчестото, „независно“ и потресно прашање во насловот: „Што ќе објави Заев во 14.30?“ Следната информација беше дека утредента ќе одат со нова „бомба.“ Но не од „Павел Шатев“, тие сѐ уште си ја нарекуваат „Бихаќка“, не поранешна, затоа што, нели, не го признаваат преименувањето на сопствената уличка, како и ништо во државата, а можеби и Бихаќ им е помил од Шатев.
Изjава на столетието – ни Господ не може да ги сопре „бомбите“ на Заев?!
Индикативноста во збунетоста на партијата по средбите во Брисел, придружена со неколку пишман-најави за „бомби“ и со трипати сменети адреси за нејзина детонација, ја надополни и информацијата дека некој истиот тој ден бил на „лекција“ кај евроамбасадорот Орав. Кој друг ако не самиот бомбаш, и зошто би бил ако не за отчет за непопустливите, небулозно тврди ставови прокламирани при преговорите. Сигурно не за пофалба. Токму тој контекст беше и единствената информација што протече од преговорите. Во оваа вест на МИА се велеше дека Брисел притиска опозицијата да се врати во парламентот за институционален дијалог со власта и да престане со објавувањето на незаконски добиените разговори. Ова, реално, и не е нешто толку ново од ЕУ. Токму Вајгл, Кукан, а пред „Пуч“ и Ховит повеќе пати повикуваа на прекин на бојкотот на опозицијата и на враќање во собраниските клупи. Прекинот на лиферувањето на монтираните разговори, пак, е, исто така, логично барање бидејќи нивното продолжување го чини дијалогот невозможен. Сето ова е зачинето со ставот на СДСМ за неотстапување од барањето за преодна влада, што е најмалото изненадување затоа што тие одамна ја поминаа точката од која нема враќање. Така што, информацијата за барањата на Брисел е многу логична, а за веродостојноста на изворот доволно говори жолчната реакција на опозициските медиуми. Сепак, најдобра беше богохулната, предвелигденска изјава на „висок“ извор за еден од нивните најизвикани и најплатени медиуми од Сорос: „Не Брисел, Господ не може да го запре тоа“ – изјави еден челник на СДСМ толкувајќи ја информацијата за барањето на ЕУ за прекин на „бомбите.“ Богохулењето не е ништо ново во историјатот на партијата, но ова, сепак, е врвот. Еуфоријата предизвикана од бомбите, за која сите аналитичари велат дека ќе биде експресно спуштена по почетокот на „Пуч“ и доказите во мега-скандалот, предизвика неверојатно осилување на партијците, кои користејќи ја хиперболата, од својот лидер и врхушката создадоа пандани на Бога. Верувале или не, но влезени во целосен филм, или мрак, на сопствените бомбашки „успеси“, челниците на партијата се чувствуваат доволно силни за да ѝ парираат на власта – која ја напаѓаат со незаконски материјали, на меѓународната заедница – која не ја слушаат, па дури и на творецот, кој не може да ги сопре?! Во рамки на добропознатата комунистичка идеологија, лидерот е поголем од Господ, кој за комунистите и не постои, нели… Очигледно, некој е длабоко навлезен во ролјата на Џим Кери во „Семоќниот Брус“ или има сериозен психолошки проблем. Или, поверојатно, ова е ефект сличен на моментот кога Кире Бананамен јаде банана, така е и со дејството на „бомбите“, кои на партијците им даваат супермоќ. Во контекст на богохулната прикаска, како експресен одговор на социјалните мрежи доаѓа токму оваа, приземна шега:
– Атлет доаѓа во кафеана и седнува на маса. Доаѓа келнерката и го прашува што ќе се напие.
– Кафе, силно како мене, слатко како тебе! Оди таа и набргу се враќа со кафето. Тој го пробува, се мурти и вели:
– Еееееее, малечка, да не си се преценила малку?
Милиjардата на „газдата“ ги „запали“ одработувачите
А Сорос, тој главниот и вистинскиот, Џорџ, не македонската постава, вети неверојатна една милијарда за Украина, со што ги остави подзинати устите на своите „независни“ одработувачи во РМ, на кои им дава ситнеж или „само“ по пет милиони евра годишно. Со овој „хуман“ гест тој покажа дека може и многу, многу повеќе за земјата што ја втурнаа во граѓанска војна. Како одговор, пак, подобните професионалци влегоа во нови „победи“ со тазе елан од големината на касата на американскиот „филантроп“… Во воздухот остана да лебди и нивната желба да бевме или, пак, да станеме Украина, за да можат да дојдат, барем, малку поблиску до таа пуста милијарда… Истите тие подобни ликови со нов полет, поттикнат од мирисот на милијардата, скокнаа и со наслов, но и со повод (со многу нули) и си пренесоа дека ни Господ не можел да ги сопре „бомбите“ на Заев?! А една сопруга на обвинет, токму во „Пуч“, во меѓувреме инкасирала 200.000 евра токму од Сорос, случајност… Истовремено новата тупаница на СДСМ, Стојан Че Ангеловара, понуди еден милион евра за обвинителот, кој ќе го тужи премиерот, но не го кажа најбитното – од каде нему еден милион евра? Кажа и влезе во коалиција со УЧК. … Паралелно, случајно или не, а поверојатно второто, Гарет, не шерифот Пет Гарет, туку британскиот амбасадор, „мудро“ порача дека преодната влада требало да биде дел од преговорите меѓу власта и опозицијата. Небаре е на Дивиот Запад, или беше Балкан. Медиумите на „филантропот“ здивеа од ќеф, кој спласна во истиот момент – ЕК објави дека не сака да се меша во „Пуч“, иако беше поканета од Јавното обвинителство. Се обидоа да ја извртат прикаската, но попусто. Пораката на Брисел беше јасна и дојде истиот тој ден кога беа и средбите со тројките на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. ЕУ, сакал некој да признае или не, ја призна легитимноста на македонските институции, кои СДСМ не ги признава. Познавачите, пак, велат дека одлуката на Брисел се темели на уште подобри основи – Европејците добро знаат што сѐ содржат доказите за вклучените во „Пуч.“
Трамваjот наречен „желба за губење на препораката“
На средбата во Брисел ѝ претходеше првото соочување на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во европскиот Парламент. И таму, пратениците на опозицијата заминаа по покана на своите сестрински партии од ЕУ, а не како европратеници. Тоа го нагласуваа во текот на целиот свој престој во Стразбур. Сепак, заборавија да кажат дека од истиот тој македонски парламент што не го признаваат, досега имаат инкасирано околу 11.000 евра. Ги бојкотираат изборите и парламентот, но не и пратеничките плати, чијшто просек се движи околу 1.200 евра месечно. „Режимот“, пак, во надеж дека ќе се освестат и вратат во собраниските клупи, не ни им ги скрати, иако законски можеше.
Интересен момент, кој Радмила Шеќеринска го нагласи во Европарламентот на дебатата со Милошоски, е дека не верувале во институциите на системот поради фактот што и ден-денес не се знаела „вистината“ за 24 декември, кога насила биле избркани од Собранието. Фактите, сепак, не се на страна на СДСМ во однос на ова прашање, особено околу „вистината“ за настанот. Истата таа партија што толку тежнее за оваа вистина, го злоупотребува моментот во сопствени, дневно-политички цели и постојано ламентира за „црниот понеделник“, беше таа што ја бојкотираше и ја спречи работата на Комисијата што го истражуваше настанот и требаше да донесе заклучоци и препораки што требаше да спречат да се повтори такво нешто. Претседателот беше од нивните редови. Воедно, требаше да се откријат причините и вистината за настанот. Проблемот, очигледно, се виде во причините што доведоа до него, „наголемо“ поттикнати од опозицијата.
Од друга страна, бојкотот на Комисијата за 24 декември имаше за цел и да го минира Мартовскиот договор и неговата примена, договор што беше директно воспоставен од тогашниот еврокомесар Штефан Филе. И тогаш, како и со сиот претходен и сегашен бојкот, партијата играше на картата на губење на препораката за почеток на преговори со ЕУ. Тогаш беше „Чекајќи го Филе“, а сега се полага надеж во Хан. Филе ги разочара. Извори во опозицијата, пред повеќе од половина година, за што и пишувавме, потврдија дека причината за најголемото разочарување на трите пратенички што се вратија во Парламентот беше токму оваа насока и желба на опозициската врхушка. Токму во моментов, опозицијата се надева на „ново“ губење на препораката, кое, како и секогаш, и за жал, би било предизвикано од нив. Нивните медиуми постојано пишуваат на оваа тема и ја земаат „здраво за готово“ секоја изјава во оваа насока и ја калапат за свои потреби. Така беше и со предупредувањето на Иво Вајгл, кој ова го кажа во насока – политичарите, а најмногу таа иста опозиција, како и власта, да внимаваат на своите чекори што можат да доведат до ваква, немила разврска. Шегите на социјалните мрежи одат дотаму што велат дека опозицијата, во случај на губење на препораката би организирала прослава многу поголема и „повесела“ од таа што ја организираа при добивањето на кандидатскиот статус.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 135. број на неделникот „Република“, 3.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.