| четврток, 6 декември 2018 |

Израел, муслиманите и Соросовите перјаници

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Секој обид за загрозување на односите и на соработката со државата Израел и со нејзините безбедносни служби не само што претставува силен удар за македонските институции задолжени за одржување на суверенитетот на државата, туку слободно може да се смета и за директен атак врз безбедноста и стабилноста на државата оставајќи им простор на многубројните домашни и странски непријатели за исполнување на нивните црни сценарија.

Обвинувањата на Соросовите перјаници дека соработката на Владата со Израел ги нарушува чувствата на муслиманското население е многу повеќе од обид да се манипулира оваа категорија граѓани. Тврдењата за некаков „пакт со ѓаволот“ имаат цел да ги исплашат муслиманите и да ги натераат да се чувствуваат загрозени во сопствената држава, но и да придонесат за активирање на радикалните структури во земјава и во регионов. Понатаму, знаеме што следува од сценариото од 2001 година…

Но, сатанизирањето на воено-безбедносната соработка со Израелците што го вршат група слепи послушници на странски финансиери е толку наивно и неверодостојно што не може да биде полесно за да се отфрли нивната теза како „тешка глупост“.

Сите тие што веруваат дека некои соросоиди преку јавни дебати треба да ги утврдуваат негативните последици од „соработката со непријателот на муслиманите“, треба само да се запознаат со следниве факти:

  1. Ниту една држава во светот не склучува стратегиски партнерства водејќи се од верски или од етнички предрасуди, туку од своите национални интереси. Во спротивно, САД никогаш не би ги имале како свои најголеми сојузници Саудиска Арабија и Израел, а Русија никогаш не би имала силна воена соработка со Сирија и со Иран.
  2. Израел е една од трите држави во светот што поседуваат најмодерна воена опрема. Не случајно со оваа земја соработуваат голем број држави во светот, но и земји од арапскиот свет со доминантно муслиманско население.
  3. Осумдесетмилионската Турција, која има 99,8 проценти муслиманско население не само што има блиски дипломатски односи со Израел, туку и тесно соработува на воен план. Информациите за воената трговска размена, се разбира, се воена тајна, но, според турските медиуми, во 2007 година овие две земји меѓусебно тргувале со воена опрема вредна 1,8 милијарда долари.
  4. Стратегиското партнерство е многу опасно да се наруши дури и во ситуации кога односите меѓу двете земји се нарушени, а камоли кога државите имаат одлична соработка. На пример, високото ниво на соработка на безбедносен план меѓу Анкара и Тел Авив не беше нарушено ниту во 2010 година по инцидентот со бродот „Мави Мармара“. Иако дипломатските односи беа стопирани, разузнавачките и воените служби не го прекинаа договорот за тесна соработка затоа што биле свесни дека со таков потег може да се направи непроценлива штета за безбедноста на двете земји. Не е тајна за јавноста во Турција дека Анкара им одобрила на израелските тајни служби од нејзина територија да собираат разузнавачи информации за Сирија и за Иран. За возврат, Израелците им дистрибуираат опрема и вршат обука на турски специјални антитерористички единици за обезбедување на границите со Сирија, Ирак и со Иран.
  5. Турција не е единствениот пример на доминантна муслиманска земја која соработува со Израел. Египет со години има одредено ниво на соработка со израелските безбедносни служби. Оваа земја, со речиси 90 милиони жители, ја оценува соработката со Израел како исклучително успешна во борбата против тероризмот.
  6. Саудиска Арабија и Израел немаат никакви дипломатски односи, но пред два месеца беше соопштено дека разузнавачите служби на двете земји заеднички прават план за евентуален напад на Иран.

Од сево ова јасно се заклучува дека Израел не се бори против муслиманите, туку за заштита на своите национални интереси, а воено-безбедносната соработка со оваа држава на никаков начин не го загрозува нашето мултиетничко општество. Напротив, нејзината помош придонесува за заштита на нашите вредности од разни радикални структури кои сакаат да ги уништат соживотот и државата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top