| четврток, 6 декември 2018 |

Мурињо: Моите фудбалери имаат ментална сила за да ја освојат Премиерлигата

Менаџерот на Челси, Жозе Мурињо, изјави денеска за англиските медиуми дека неговата екипа има ментална сила за да ја освои титулата во Премиерлигата.
Челси моментално е прв на табелата со 70 бода, седум повеќе од второпласираниот Арсенал и осум од Манчестер јунајтед, но и натпревар помалку.
Екипата на Мурињо треба да освои уште 15 бода до крајот на сезоната за и теоретски да го осигури првото место, пет години по освојувањето на последната титула.

– Менталната сила е многу важна во вакви моменти. На крајот на сезоната се одлучува сѐ, опстанокот, пласманот во Лигата на шампионите и титулата. Можете да бидете фантастични седум-осум месеци, но сега е моментот на вистината. Затоа треба да се биде ментално силен – изјави Мурињо за британските медиуми.

Мурињо додаде дека екипата, и покрај притисокот, мора да биде релаксирана.

– Мислам дека играчите се релаксирани. Кога ги гледам своите фудбалери, гледам играчи кои играат ослободено. Борбата за титулата е најдобрата мотивација – додаде португалскиот стратег.

Челси во следното коло го дочекува тимот на Квинс парк Ренџерс, а до крајот на април на свој терен го дочекува Манчестер јунајтед и му гостува на Арсенал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top