Актерот во Македонскиот народен театар (МНТ) Сашко Коцев гостува во Тетар Комедија која утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Нешто пропуштаме“ домашен текст на авторот Горјан Милошевски, кој го режира Бојан Трифуновски.
Претставата се занимава со театарот и неговата суштина. Претставата е приказна за театарска група која нема идеи за добри претстави и мора да прифати наметнати теми за да добие грант, кој ќе им обезбеди нова продукција.
– Тие сакаат да направат нешто свое, но ништо не им оди. Нешто пропуштаат. Текстот зборува за нешто многу актуелно, а тоа е проституцијата на уметноста. Тоа може да биде која било екипа која се бори да добие средства за да реализира проект. Кои се лимитите што може да ги надмине еден човек, колку може да падне за да се оствари проектот, како тоа влијае на хуманите аспекти на таа група и како ги исчашува од нивните нормални, секојдневни пријателски односи, рече авторот Милошевски на прес-конференција
Авторскиот тим кој работеше на претставата го сочинуваат : Љупчо Јованов – сценографија, Искра Џокиќ – костими и Емин Џијан – музика. Во претставата освен Коцев, играат и актерите од Театар Комедија Нина Деан, Валентин Костадиновски, Жаклина Петровска и Столе Мицов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.