| четврток, 6 декември 2018 |

Поддршка од социјалните партнери за проектот „Македонија вработува“

проект

Економско-социјалниот совет денеска дал едногласна поддршка на мерките со кои треба да се овозможи вработување на околу 150 илјади невработени до 35 години, лица од 35 до 50 години, кои повеќе од 10 години се без работа, лицата над 50 години, невработени од ранливите категории граѓани и лицата постари од 58 години, предвидени во рамки на владиниот проект „Македонија вработува.

Како што информира министерот за труд и за социјална политика Диме Спасов по завршувањето на седницата на ЕСС, поддршка за пакетот мерки дале сите социјални партнери во социјалниот дијалог, односно синдикалните организации и организациите на работодавци.

– Овие мерки треба да помогнат за зголемување на вработувањето, ќе претставуваат значително олеснување за приватните компании со цел да отворат нови работни места, но и ќе помогнат во зголемувањето на конкурентноста на пазарот на трудот на ранливите категории граѓани, како и на повозрасните категории – рече Спасов.

Додаде дека со овие мерки се постигнува голем опфат на невработени лица, кои ги исполнуваат критериумите и влегуваат во групата невработени, кои би можеле во иднина да ги искористат мерките за вработување.

– Би сакал да ги поттикнам сите невработени кога ќе стапат во сила овие мерки да учествуваат и да аплицираат на јавните повици што ќе бидат отворени од страна на приватните компании, но и да ги повикам приватните компании да земат учество во реализацијата на овие мерки, за кои верувам дека значително ќе придонесат за намалување на невработеноста во Република Македонија во период од една година во кој тие ќе се спроведуваат – истакна министерот за труд и социјална политика.

Тој верува дека овие мерки реално ќе влијаат на намалување на невработеноста, на отворање нови работни места и на подобрувањето на животот на илјадници граѓани, кои ќе добијат соодветно работно место и ќе остваруваат редовни приходи.

 Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Живко Митревски истакна дека синдикатите поддршката ја дале поради тоа што сметаат оти пакетот мерки претставуваат, како што рече, уште еден дополнителен пресврт во борбата против нашето општествено зло, кое беше присутно со децении, борбата со невработеноста.

– За ССМ овој проект од една страна е можност за поттикнување на вработувањето, но од друга страна и зацврстување на сигурни работни места. Со него првпат се решава проблемот на една повозрасна категорија граѓани од 50 и од 58 години – истакна Митревски. Со овие мерки дополнително ќе се поттикне јавната потрошувачка бидејќи, како што додаде, со новите вработувања ќе се подобри социјално-економската состојба на многу семејства.

Анета Петровска – Русомарски од Организација на работодавци посочи дека на компаниите што ќе ги користат овие мерки, кои, како што рече, се во голем број и повеќе во групата мали и средни претпријатија, ќе им се овозможи постигнување оптимум на персоналните трошоци и ќе бидат поконкурентни на пазарот.

– Од друга страна, на вработените ќе им овозможи одржливо вработување бидејќи со овие законски измени се заштитуваат правата како на постојните вработени, така и на тие што ќе бидат вработени во согласност со овие мерки – истакна таа.

Законските измени по добиената согласност од ЕСС влегуваат во собраниска процедура. Министерот Спасов изрази уверување дека тие ќе ја добијат усвоени во текот на овој месец, по што ќе можат да почнат да се применуваат мерките.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top