| четврток, 6 декември 2018 |

Битолската зоолошка градина доби пони коњчиња, срничка и лама на подарок од скопската

Скопската Зоолошка градина ѝ подари лами, коњчиња пони и срнче бамби на Зоолошката градина во Битола со цел да се збогати фондот на животни во оваа зоолошка градина, обајви „Утрински весник“.

– Во најновата донација има две лами, две коњчиња од расата пони и срни од кои едно бамби, кое ќе претставува вистинска атракција за најмладите посетители. На кус рок очекуваме да добиеме лемурчиња и волчица, а очекувам љубителите на животинскиот свет да ги изненадиме и со кенгурче – посочи Дамевски.

ЈОУ „Зоолошка градина“ – Битола го заврши процесот на осветлување, а деновиве се врши хортикултурно уредување и поплочување на патеките до обновените кафези на лавовите, мајмуните, лисиците и на други животни.

– Во акцијата на зголемување на цветните површини се вклучија и членовите на Лајонс клубовите „Битола“ и „БАС Кампус“, кои засадија бели рози, а наскоро ќе има и други акции, кои ни овозможуваат да го следиме чекорот на европските зоолошки градини и стандарди. Во наредниот период посебно привлечен ќе биде нилскиот коњ, чиешто живеалиште е комплетно уредено и со два базени за летни и зимски услови – истакна Дамевски.

ЈОУ „Зоолошка градина“- Битола овозможува користење бесплатен интернет и друга забава за секој посетител, а цената на влезниците останува непроменета и изнесува 50 денари, потврдија од оваа општинска установа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top