| четврток, 6 декември 2018 |

Томе Мишев изложува во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија

Синоќа во Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија беше отворена самостојна изложба на нашиот познат ликовен уметник Томе Мишев.

100_9714

Изложбата која заеднички ја организира Националната галерија на Македонија и нашиот Културен центар во Софија ја отворија директорите на двете институции Маја Неделковска-Брзанова и Васко Шутаров. Ова беше второ самостојно претставување на нашиот ликовен уметник, после неговата прва самостојна изложба во главниот град на Бугарија, во 1999 година. Мишев на изложбата се претстави со 14 дела, во кои преовладуваат теми од топлото поднебје на неговото потекло и работно творештво.

100_9757
Црвената, плавата, жолтата и зелената се четворозвучие кое доминира на сликата, а нанесени се со силни и смели потези од густа боја. Светлоста избива од бојата, се распрскува по сликата и и` дава нови звуци на оптимизам.

Неговата боја не е без душа, празна колористичка игра, туку таа е негова внатрешна потреба, поезија и драма, негов живот кој остава траги (на мали и големи формати), силна енергија со лични печати во сведоштвото на поднебјето и времето кое Мишев го живее, напишала во каталогот по повод оваа изложба Љиљана Мисирлиќ, ликовен критичар од Бања Лука.

100_9802
Томе Мишев е роден 1958 година во Струмица. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонијa. Има реализирано бројни самостојни изложби (Р. Бугарија, Босна и Херцеговина, Франција, Германија), бил учесник на многу групни изложби (Кина, Чиле, САД, Бугарија) и добитник на значајни македонски награди за ликовна уметност.





Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top