| четврток, 6 декември 2018 |

Ципрас: Грчките долгови мораат да бидат реструктурирани

ципрас1

Грција нема да биде способна да ги отплати своите огромни долгови доколку, конечно, не ги реструктурира, соопшти доцна синоќа грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Ципрас ова им го соопшти на пратениците на националното Собрание во атмосфера на зголемен притисок на кредиторите за Атина да истапи со оддржливи реформи за намалување на трошоците за да може да добие помош од таканаречениот „спасувачки фонд“ и да ја избегне неможноста за отплата на доспеаните обврски.

Грчкиот премиер, притоа, истакна дека неговата Влада не се откажа од ветувањето да бара спогодба за долгот и полабави насоки на планот на дефицитот, пренесуваат американските медиуми.

– Постои признание (од кредиторите) на потребата, конечно, да почне расправата за неопходното реструктурирање на грчкиот долг. Затоа што тој без таквата интервенција не ќе може да се плати – рече Ципрас.

Атина во април (главно кон средината на месецот) треба да исплати речиси три милијарди евра, а обврските следните месеци ќе бидат уште поголеми. Бидејќи не може да обезбеди средства на меѓународниот пазар на  обврзници, Грција за исплата на овие обврски зависи од своите кредитори.

Ципрас од опозициските партии побара да им се придружат на националните напори да се заврши со штедењето, истакнувајќи „дека е дојден моментот да се зборува вистината“.

Како што пренесува агенцијата АНА-МПА, грчкиот премиер истакна дека неговата влада бара чесен компромис со своите партнери.

– Но не очекувајте од нас да потпишеме примирје без услови. Тоа е причината поради која сме под немилосрдни напади, но и причината поради која општеството нѐ поддржува – рече Ципрас.

Опозициските партии треба да решат дали ќе ја поддржат преговарачката политика на Владата за завршување со штедењето што ја уништи економијата и грчкото општество или ќе бидат гласноговорници на оние кои го создадоа меморандумот со заеми.

Тој ги повика партиите што владееја со Грција во последните пет години да објаснат кои реформи ги спровеле во корист на Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top