Уметничките слики, скулптурите, инсталациите кои се пред нас го потврдуваат историскиот континуитет на современото македонско творештво, тоа се дела на автори кои се гордост на македонската уметност и култура, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешното отворање на изложбата на откупени дела.
Во овој контекст навистина радува фактот што токму оваа изложба е резултат на првиот конкурс за откуп на дела од визуелната уметност кој Министерството за култура го спроведе првпат минатата година, како дел од Националната стратегија за развој на културата 2013-2017 година.
-Сите овие дела ги откупивме со интенција да го збогатиме националниот фонд на институциите од областа на ликовната уметност, да го дополниме со дела на повеќе еминентни автори од постарата и средна генерација кои со своето творештво оставија траен белег во македонската ликовна уметност, автори кои дадоа исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија,уметници кои учествувале на значајни манифестации во земјава и во странство, како и дела од помладата генерација уметници со истакнат ликовен израз за кои ова ќе биде значаен поттик во натамошното дефинирање на нивниот творечки идентитет. Со првиот откуп на ликовни дела богатата меѓународна збирка од 5010 дела на Музејот на современата уметност се збогати со уште 21 делo на авторите Жанета Вангели, Благоја Маневски, Славица Јанешлиева, Беди Ибрахим, Гоце Наневски, Мирна Арсовска, Ладислав Цветковски, Антони Мазневски, Горазд Поповски, Дита Старова, Искра Димитрова, Игор Сековски, Борис Шемов, и други автори, додека збирката од 1659 дела на Националната галерија е дополнета со уште 15 дела од уметниците Ристо Калчевски, Симон Шемов, Рубенс Корубин, Веле Ташовски, Илија Аризанов, Лена Стефанова, Томе Аџиевски, Александар Спасовски, Ангел Миов, Јасминка Новковска, Маја Кировска и др. Останатите дела кои ги откупивме ќе бидат бидат презентирани другите музејски и државни институции во нашата држава. Уверена сум дека оваа стимулативна мерка ќе има долгорочни придобивки за македонската ликовна уметност во насока на поттикнување на домашното уметничко творештво и афирмација на улогата и статусот на авторот, посочи Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.