Република Македонија ќе го издржи и овој атак! Ќе ја издржи и оваа прислушувачко-вербална војна, организиран атак од опозицијата, без оглед дали е нејзин самостоен или коавторски(?) деструктивен проект!
Неполна година по легалните и легитимни парламентарни избори, на Македонија во моментот ѝ се случува чудна историска епизода на опозициско-пленумска вербална /ре/пресија!
СДСМ, нејзините опозициски партнери и разни пленум(ц)и сметаат дека доаѓањето на власт во државата може да се базира на вербализам и суеверие…?! Паѓањето на листовите/потсетник за во ТВ-дебата, од масата во студиото, лидер-опозиционер „инвентивно“ го коментира како можен знак за паѓање на владата на Груевски, а многу симболика „имало“ и во веста дека на улицата „Македонска“ во Белград паднал дел од фасада на зграда… Можеби и тоа е „знак“ поврзан со власта во РМ?! Боже мили! Некои во небесни знаци гледаат најава за промена на власта во Р. Македонија?! А, таа (власта) си ги тера проектите, инвестициите! Фала, богу!
Се множ(еа)ат пленуми во државата. Разно-разни. Формирани од… и за… Но, верувам, јасно е дека тоа не е ниту начин за практикување ниту орудие за освојување власт во една држава! Секојдневното бомбардирање со пленумска, реторички инвентивна негатива, освен негативното наелектризирање на одредени слоеви во општеството, не може да предизвика поголем ефект – барем не таков заради што (според впечатокот) се преземени овие „активности“ – смена на власта! Можеби со своето активирање и вистинско инвентивно дејствување во едно друго време, наместо комотното однесување – тогаш, пред околу девет години, ќе му овозможеа подолговечно владеење на антиподот на сегашната владејачка опција! Вака, сега – само непотребно потрошена енергија! А, ниту збор за работа/та, за одговорноста, за ефикасноста на работните места?! За посветеноста (сопствена) на обврските! Доволно гласност во една држава, за што народот единствено има слух (и вид), имаат постигнувањата, унапредувањата; не – ветувањата во стилот – „знам-можам”. „Знам-можам“ не е еквивалент на „креирам-создавам“; реалната креативност се покажува при практикувањето на власта, во секојдневните работни активности, на сите! Вербалното фалење со креативност – е бескорисна работа!
И, еден лански „куриозитет“! Барањето на СДСМ за техничка влада, според еден ексамерикански амбасадор, не било екстремно (опозициско) барање?! Така ни порача пред да си замине од Македонија, покрај, тукушто, легално избраната македонска влада со околу половина милион народни гласови! Влада, која ја заслужи довербата на граѓаните заради сето тоа што го (на)прави – Македонија за неполна деценија да ја трансформира во земја која станува респектирана, од повеќе аспекти; реални, компаративни параметри зборуваат во прилог на тоа! Можно ли е, господинот ексамбасадор во Македонија, такво нешто да предложи во која било друга европска држава (со парламентарен систем)?!
Двајца „безгрешни“ кариеристи и на нив слични ќе ставаат ред во партијата ВМРО-ДПМНЕ. Ќе ја демократизирале?! Го посакуваат (рако)водството на оваа партија: со едноставен „replace“ и „ignore“! Ама, за жал, такви операции нудат само компјутерските програми! „Replace“ не се прави на челници и, пред сè, на лидер на партија (ВМРО-ДПМНЕ) и актуелен премиер, кој, реално, од осамостојувањето досега покаж(ув)а најголеми резултати во практикувањето на власта во Република Македонија! Според „безгрешните“ бил „диктатор“! Во Македонија воспоставил – „режим“! Проектите, наместо за една година, на пример, барал да бидат реализирани во најкус можен рок! Со ваквата “диктатура” не само што ги фрустрирал подредените, туку и администрацијата?! Им ја нарушувал комоцијата (со “закон одобрена”)?! Кој им е крив на оние во Холандија и во Германија, што во универзитетски установи (според мое искуство – во мојот домен), на вработените, државата им дава(ше) 15-минутна кафе-пауза, а едночасовната пауза за ручек, деветтиот час од вкупното (работно) отсуство од дома – беше/е на нивна сметка! Организациска поставеност?! Можеби. Ама, јас не видов – фрустрирани!
Апропо споменатата реализација на проекти од оваа Влада. Би сакала, во оваа пригода да издвојам само еден, посебно фасцинантен (покрај многуте други, за мене особено важни од доменот на образованието и здравството) поврзан со развојот на информатичките технологии во сите сегменти на државата, што (според извештајни податоци) произведе зголемувањето на интернет-продорот во општеството од 9% во 2006, на околу 70% (можеби и повеќе) денеска. Ова ли е „назадното“ општество, за кое, според „видувањата добиени преку е-пошта” испратена од „еден стар пријател од Македонија” (каменот не доаѓа од далеку – нели …!), под наслов „Letter from Macedonia…“, пишува Руперт Волф-Мареј (Rupert Wolfe-Murray) во „Хафингтон пост“ (Huffington Post)!
Прислушувани граѓани на Р. Македонија (јавно објавени приватни разговори), прислушувани амбасадори! Неетичност, злоупотреба и напад врз личната слобода на прислушуваните! Кривично дело, кое, преку правна постапка, очекуваме, државата да го расветли до крај; да ги разоткрие актерите и нивните мотиви за овој нелегален, антидржавен чин.
И, по втор пат, обраќање до оние (З.З., Р.Ш., Б.Ј., С.Т) кои при настапот на ТВ „Ал Џезира“, март 2015 година (во Брисел, пред неколку години, Б.С., Б.Ј., М.Ц.Н… со Шацимаркакис… во ист стил), напаѓајќи ја безочно својата држава додаваа(т) алиби во градењето негативен супстрат за Република Македонија, од нејзините непријатели (не може да се избегне овој квалификатив), го уриваа/т/ нејзиниот углед и угледот на својот народ – прашањето: Ќе можете ли со крената глава да ја изодите улица „Македонија“, во главниот град на нашата држава?!
И покрај сè. Македонските граѓани, сите, свесни за наметнатата ситуација, нема да дозволат да бидат вовлечени во сценариото за (само)деструкција на својата држава и иднина. Нека не се надеваат на тоа, тие, кои наметнувајќи ја оваа рашомонијада заради лични-политички, властољупски амбиции, дека преку улично сценарио (постојано го повикуваат народот на улица – преку практикување улична „демократија“, да оди против легалните македонски институции), ќе успеат да ја внесат земјата во хаос! (Од хаосот тешко се излегува без длабоко ранет суверенитет на државата!!!) Пукаат реторички „бомби“?! Деструктивни! Но, и другата страна (Владата) „бомбардира“! Министерот Тодоров тукушто испука заглушувачка „бомба“ составена од најсовремен, најсофистициран (народен!) рендген-апарат. А, премиерот, уште многу такви – мегаинвестициски „бомби“! И, сè така… до 2018! Потоа, ќе видиме!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.