| четврток, 6 декември 2018 |

„Неприкосновеноста“ за дебатата

проф. д-р Јованка Кепеска

проф. д-р Јованка Кепеска

Смислата на воспоставувањето на демократијата и почитта на различните мислења е во тоа да се пројават многубројните различни претпоставки кај луѓето со што се збогатува и унапредува општественото живеење и развојот.

Дебатата, која и не само како наметнато барање на опозицијата, туку како општествено нужна и која се однесува на прашањата за изборите, на одвојувањето на партијата на власт од државата, на слободата на говорот, на позицијата на медиумите и, пред сè, за оправданоста на барањето за демисионирање на владејачката партија од власта, кога таа легитимно е избрана, е потребна.

Се покажа, меѓутоа, дека многу од аспектите на демократските процеси, во чиешто име и за чијашто заштита се одвиваат настојувањата на опозицијата и со оглед на чиишто претпоставки дебатата треба да се одвива, се замаглени.

Меѓу првите аспекти што се превидуваат е дека за дијалогот во рамките на плуралистичката демократија, за која сме се определиле и според Уставот, е пропишана определена процедура. Доаѓањето до релевантни мислења врз пропишаната процедура е истовремено како и функционирањето на целокупниот политички систем во парламентарната демократија. При одвивањето на демократскиот процес, истовремено, доаѓа до заштита и на правото и на правната држава. Правниот поредок, имено, не е изолиран систем, кој се однесува само на судската процедура при заштитата на човековите права.

Ваквата улога на демократијата сосема соответствува на филозофските претпоставки што ја определуваат сегашноста во која се разрешуваат минато и иднината. И во согласност со дадените моменти и, не како надреденоста на свеста над реалноста, се разрешува дадената ситуација.

Основата на политичкиот систем за остварување на демократијата, имено, се изборните циклуси преку кои генерално се изразува волјата на граѓаните во определбата за партијата на која ѝ се дава довербата да ја извршува власта. Се разбира, во меѓуизборниот процес, функционираат парламентарниот процес врз основа на поделбата на власта, дијалогот на социјалните партнери: власта, работодавците и работниците, различните облици на цивилното општество преку слободно организираните асоцијации кои искажуваат автентичен интерес на граѓаните за екологистички, мирољубиви, хуманитарни или, на различни облици на интелектуална, стручна активност на општественото живеење, итн.

Демократијата како општествен систем, само како таква денес постои, ги бара и добива најсоответните решенија, во дадениот момент, за развој. Таа е обезбедувачката брана да се оневозможи парализата на силите кои, наметнувајќи го своето мислење, како едноумие, фактички го задржуваат развојот на целината на општеството. Познато е и дека општествените системи, засновани врз едноумието, не само што го кочеа општествениот развој, туку и нанесуваа нехумани димензии и крајни застранувања за човештвото.

Но, демократијата е систем кој е различен и самоуправниот, по чија инерција, изгледа, сè уште како да се понесуваме, но и од непосредната демократија, како нејзин идеален облик. Затоа, на крајот, мора да се надмине сфаќањето, како надминато, за „левата“ партија како исклучителен носител на напредокот. Во нашиот случај станува збор за Социјалдемократскиот сојуз и за неговото значење. Затоа што обележувањето на партијата како лева настанало со оглед на односот на капиталот кон трудот, што има идеолошко значење, и како такво е напуштено. И што не може да ја карактеризира оваа партија и, воопшто, социјалдемократската опција, како прогресивни и во однос на демократскиот развој на општеството, додека, во исто време, десните партии да се окарактеризираат како конзервативни кои не донесуваат напредок. Денес, врз друга основа, се разврстуваат партиите. А тоа е според нивниот однос кон сегашноста, односно дали се заложуваат да се задржи постојното, како нешто неприкосновено или, пак, се заложуваат за неговото надминување, во услови кога таа сегашност била бирократизирана и не живеела со проблемите. Токму таквите партии, со тоа што го задржуваат развитокот, се конзервативни.

Оттаму, само со оглед на претпоставките на демократскиот систем можат да се определат начинот, суштината, ангажираните актери, пристапот на медиумите, ако сакате и местото за поставените прашања на дебатата. Не претпоставувајќи ја притоа неприкосновеноста на мислењето, другото би било загрозување на демократијата. Овие аспекти на дебатата најдобро е, а и можеме, сами да ги определиме. Зар не?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top