Вардар не успеа да направи хет-трик со титули во СЕХА лигата, откако вечерва беше надигран и победен од Мешков Брест. Белорусите во првото полуфинале заслужено славеа со 32-28 и се реваншираа за ланскиот пораз во финалниот меч.
Вардар играше без неколкумина стандардни ракометари и со мислите на четвртфиналето во Лигата на шампионите и двомечот со Кјелце, што не ја намалува вредната победа на ривалот.
Растко Стојковиќ со 9 гола од 11 обиди беше нерешлива енигма за одбраната на Вардар, а одличен меч одиграа и Шилович и Божовиќ со по 5 погодоци, потоа и Никуленков со 4, Рутенка со 3 и секако голманот Пешиќ со 10 одбрани.
Белорусите доминираа во првото полувреме, кога направија разлика од 5 погодоци, што се покажа како преголем залак за десеткуваниот состав на Вардар. Во финалето заслужено ќе игра Мешков Брест со подобриот од второто полуфинале меѓу домаќинот Веспрем и Загреб.
Кај Вардар Прибак и Тоскиќ беа најефикасни со по 5 гола, а без Штербик одбраната беше слаба. Двајцата голмани Милиќ и Ангелов одбранија само 4 удари од вкупно 36, што е една од главните причини за поразот и простувањето од титулата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



