Уште на самиот почеток од аферите „Пуч“ и „Бомби“ беше јасно дека и власта и опозицијата ќе излезат од кризата со големи лузни, но за едниот од двајцата главни протагонисти, Груевски и Заев, борбата ќе заврши со класичен нокаут. Сите беа свесни дека ќе следуваат силни удари од двете страни, но ретко кој веруваше дека Заев самиот ќе се доведе во нокдаун. Дали сценариото на странските служби предвидува лидерот на опозицијата на крајот да биде жртвуван за „повисоки цели“ или, пак, самиот Заев со ограничениот капацитет да се справи со предизвикот ќе биде виновникот за дебаклот (тука се вклучени и неговите најблиски соработници кои му помагаат во реализацијата), ќе видиме на крајот. Тоа што сега е јасно видливо, е дека Заев е на добар пат не само да се уништи самиот себе, туку и целата опозиција, со што ќе ѝ остави доволно простор на власта да си ги поправи грешките и целосно да се рехабилитира до следните избори.
Ако ги сублимираме најголемите грешки на Заев, ќе изброиме шест:
1. Уште од самиот почеток Зоран Заев влезе во битка со голем багаж, како аболициран криминалец и со исклучително слаб политички кредибилитет кого јавноста сѐ уште го памети по изјавите за „свиткани кичми“ и „за јадење живи луѓе“. За да успее во намерата да ја урне власта со „бомби“, му беше потребна исклучително искрена приказна која од ден на ден ќе ја надоградуваше со идеи и со предлози како ќе го подобри животот на граѓаните кога ќе го нема Груевски.
2. Наместо искрена приказна, во интервјуата за опозициските медиуми Заев се дозакопа во сопствените лаги. Десетина пати самиот го потврдуваше мислењето на јавноста дека станува збор за човек кому не му е проблем да лаже и да ја манипулира јавноста за свој личен интерес. Со себепорекнувањето и правдањето дека точната верзија е таа што ја зборува во моментот, а претходно „не било време за вистината“, само ја потврдуваше веродостојноста на приказната на власта.
3. Најголемата грешка е одлуката да се фати на оро со странски служби во обидот да ја смени власта. Можеби странците му биле единствениот избор со оглед на слабата поддршка кај граѓаните, но во секој случај морал да биде свесен дека истиот ден кога јавноста ќе го дознае тоа (а не знам како мислел дека тоа ќе остане вечна тајна), тој ќе биде политички погребан, а своето место во историјата ќе го зацементира покрај најголемите предавници на македонскиот народ.
4. Соработката со странските служби сама по себе е доволен аргумент за целосно фијаско на неговите „бомби“, но тоа што забрзано го влече кон дното е одбивањето да ги соопшти ставовите по најголемите економски и политички интереси на државата, а тоа се гасоводот „Турски тек“ и спорот за името. Со тоа само ги засилува обвинувањата на власта дека зад бомбите се кријат туѓи, надворешни интереси кои се исклучително штетни за Македонија.
5. Голема грешка на Заев е и прифаќањето на инструкциите на неговите надворешни поддржувачи да предизвика внатрешен судир, или по етничка линија или меѓу самите Македонци. Но, тука го доби првиот голем удар од јавноста која увиде каква демократија нуди како алтернатива на таа што ја живееме. Жестоките напади врз сите негови неистомисленици, по кои секојдневно се фрлаат дрва и камења од страна на Соросовите медиуми, со цел да ги придобијат со закани или да ги исплашат и да ги замолчат, само го зголемија гневот кај неутралните кои со гадење ги следат овие нецивилизирани испади.
6. Последната голема грешка е тоа што не смислил добар план за спас. Заев, очигледно, не сфатил, а по сѐ изгледа и никој не го подучил, дека од кашата во која наивно се вплетка нема кој да го извлече. Го нема веќе Бранко да го аболицира, а јавна поддршка од неговите странски ментори ќе добие само ако успее да ја добие поддршката на народот (која досега ја нема). Во спротивно, истите тие странци што го ангажирале ќе го пуштат по вода затоа што никој не успеал да победи во битка во која спроти себе има единствен народ.
Кога би се нашол некој способен и искрен во опкружувањето на Заев за да му ги каже овие работи пред да се нафати на вакво политичко самоубиство, можеби ќе имавме причина да очекуваме поинаков исход од целата ситуација.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.